„Напредни Ексел функции за анализа на податоците“
➢ Актуелно (17.02.2021)
👁 Прочитано: 270



Одржан „онлајн“ семинар во организација на Стопанска комора на Македонија на тема: „Напредни Ексел функции за анализа на податоците“
„Напредни Ексел функции за анализа на податоците“

Напредните алатки на Ексел, како што се напредни филтри, правила, валидација на податоците и текстуалните функции спаѓаат во најважните и најчесто користените алатки во деловното планирање, макро и микроекономската анализа и носењето на одлуки.

Во свет во кој сме постојано опкружени со податоци, бројки, трендови и статистики, неопходно е да ги разбираме и да бидеме способни да ги користиме напредните ексел функции, бидејќи тие се дел од најважните алатки за носење на деловни одлуки.

Знаејќи ја важноста на Excel, Центарот за едукација и развој на човечки ресурси при Стопанската Комора на Македонија на 17 февруари 2021 година организираше онлајн семинар на тема: Напредни Ексел функции за анализа на податоците“.

            На овој фокусиран и интензивен „онлајн“ семинар учесниците практично применуваа големи бази на податоци во Ексел, препознаваа ситуации во кои примената на напредни Ексел алатки може да помогне во процесот на одлучување, спроведуваа едноставна анализа во пракса користејќи MS Excel и на тој начин да издвојуваат дополнителни информации од собраните податоци, интерпретираа различни нумерички податоци прикажани во деловните извештаи или критички да пристапат во вреднувањето на статистичките податоци пред носењето на деловни одлуки сѐ со цел ефикасност во решавањето на различни задачи од работното секојдневие.

 Беа опфатени валидацијата на податоците, брзите формати за внесување на податоци во Ексел, користењето на филтри, кoристењето на напредни филтри, користењето на правила и напредни правила како и текстуални функции во Ексел. Воедно, беа обработени и „живи“ примери со кој се објаснуваат опциите во Еxcel: Data filters, Text filters, Number filters, Date filters, Advanced filters , Data-Text-to Columns и други. Имајќи предвид, дека главна карактеристика на современото работење се брзите и непредвидливи промени поради што понекогаш е потребно да се направат повеќе варијанти на извештаи,  притоа имајќи ги предвид неколкуте можни алтернативни вредности на податоци, затоа на семинарот се обработи и областа за креирање на сценарија.

Предавач на семинарот беше проф.д-р Зоран Ивановски, редовен професор на Eкономскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, реномиран регионален стручњак од областа на финансискиот менаџмент и предавач со долгогодишно искуство во земјата и во странство. Покрај универзитетската кариера предава на обуките за брокери и за инвестициски советници организирани од Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија. Успешно раководи со првата бизнис клиника во нашата земја “Business Clinic DB”.

 

 
М-р Анита Рафајловска
стручен соработник во Стопанска комора на Северна Македонија