Коморите на Западен Балкан ги повикаа своите влади и ЕУ: Укинете ги визите, дајте ни иднина!
👁 Прочитано: 1030




Коморите на Западен Балкан ги повикаа своите влади и ЕУ: Укинете ги визите, дајте ни иднина!

Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (WB6 CIF), асоцијација на шесте стопански комори од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово и Србија, одржа состанокот во Стопанската комора на Србија, во Белград.

Од средбата, бизнисмените од Западен Балкан, испратија итно заедничко барање до своите влади и политичките структури во регионот, да направат напори деловните операции да се вршат на наједноставен можен начин и да се свртат кон иднината и регионална соработка. „Дајте им иднина на граѓаните од регионот, а не минато“, е заедничката порака на сите претседатели на стопанските комори од Западен Балкан до владите на нивните земји.

Претставниците на бизнис заедницата бараат итно отстранување на сите бариери за деловно работење и нормализирање на односите во корист на сите граѓани во регионот. Од Босна и Херцеговина е побарано укинување на визите и сите други ограничувања за слободно движење на граѓаните на Косово, со кои ќе бидат исполнети условите за меѓусебно укинување на сегашните бариери од двете страни. Покрај тоа, побарано е, и признавање на регистарските таблички, осигурување на моторните возила и сите други документи, што ќе овозможи целосна слобода на движење.

Стопанските комори на Западен Балкан исто така испратија јасна порака до Европската унија за неопходноста од усвојување на визната либерализација за Косово. Коморите од регионот ја потсетија Европската унија дека визната либерализација беше пресвртна точка и најголем поттик за економскиот развој на сите земји од Западен Балкан. Од 2009 година, по воведувањето на визната либерализација за земјите од Западен Балкан, трговијата на регионот со ЕУ се зголеми речиси за два и пол пати. Спречувањето на слободното патување на граѓаните и бизнисмените е во директна спротивност со основните вредности на Европската унија.

Заеднички беше оценето дека иницијативата за укинување на ПЦР тестот за патување на граѓаните во земјите во регионот, што беше донесена на иницијатива на стопанските комори, има големо влијание врз деловното работење на компаниите.

м-р Сања Николова
стручен соработник во Стопанска комора на Северна Македонија