Текстилните и кожарските компании од 1 февруари нема да плаќаат царина за увоз на репроматеријали
➢ Актуелно (02.02.2021)
👁 Прочитано: 2475




Текстилните и кожарските компании од 1 февруари нема да плаќаат царина за увоз на репроматеријали

Укинувањето на царините за увоз на репроматеријали во текстилната и кожарската индустрија, значат реална и вистинска помош за компаниите од овие дејности. Придобивките од  одлуката со која се укинаа царинските стапки за повеќе од 40 суровини и репроматеријали кои се употребуваат во текстилната и кожарската индустрија, а со важност до крајот на 2021 година се повеќекратни за македонските компании и нудат можности за реорганизирање на нивното производство. Поради мерките за заштита од пандемијата кај најголемите трговски партнери на домашните компании и намалената потрошувачка на текстилни производи, во изминатиот период евидентна е тенденцијата на намалување и откажување на налозите од странство, а со оглед на дополнителните актуелни затворања на европските држави, првенствено на Германија и во следниот период се очекува откажување или намалување на обемот на нарачките, односно нарачки на помали серии. Имајќи го предвид претходното, како и фактот дека најголемиот дел од текстилните компании во земјава работат ЛОН-производство, мерката овозможува голем број компании кои се дел од текстилната индустрија да го преструктуираат производството, да почнат со сопствено производство и да го пласираат и на европските пазари.
Со оглед на тоа дека 90 отсто од овие компании во земјава работат по ЛОН-систем оваа одлука многу влијае за подобра конкурентност и што е битно задржување на вработените истакнува - Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилната и кожарската индустрија.
Не може преку ноќ да го намалиме ЛОН-производството и да почнеме да правиме сопствени брендови, затоа одлуката многу значи за фирмите. Значи, нашиот извоз би пораснал, нашите компании би добиле некоја додадена вредност што ќе значи нивен опстанок, зголемување на конкурентната способност и задржување на вработените.
Во земјава текстилните и кожарските комапнии коишто во вкупното индустриското производство на државата учествуваат со 12,82%, вработуваат над 37.000 работници. Во преработувачката индустрија, учествуваат со 40 отсто, а во вкупниот извоз од земјава со 10 проценти - истакнуваат од Стопанската комора на Македонија.

 

Сашо Деспотоски
соработник во организационата целина за претставување на членките и вмрежување