ДАЛИ КОНЕЧНО ПРОФУНКЦИОНИРА ВИСТИНСКИОТ ДИЈАЛОГ ДРЖАВА -ПРИВАТЕН СЕКТОР
👁 Прочитано: 488



ПОДОБРО КОМОРАТА ДА ЈА ИМАМЕ КАКО ПАРТНЕР НА ВЛАДАТА ВО КОНЦИПИРАЊЕ НА ЗАКОНИТЕ ОТКОЛКУ КАКО ОПОНЕНТ ВО НИВНАТА ПРИМЕНА – Харолд Вилсон, британски премиер во 60-тите години
ДАЛИ КОНЕЧНО ПРОФУНКЦИОНИРА ВИСТИНСКИОТ ДИЈАЛОГ ДРЖАВА -ПРИВАТЕН СЕКТОР

Како што најавивме во минатото обраќање годинава ќе ја започнеме со позитивни примери од праксата со кои сме успеале да направиме мост за доброто на нашите членки со што ја остваруваме основната наша функција за која постоиме веќе 99 години. Денеска ќе наведеме три такви примери.

I. Позитивни примери

1. Се укинуваат царинските стапки за 71 царинска ознака - Од Владата стигна одлуката за укинување на увозните давачки - царинските стапки за 71 одделни суровини и репроматеријали кои се употребуваат во преработувачката индустрија, а предлог листите на производи опфатени со одлуката, која е првата усвоена одлука од новиот Пакет 5 економски мерки за справување со последиците од КОВИД-19, се изготвени од страна на Стопанската комора на Македонија по извршена консултација со компаниите, членки на Стопанската комора од секторите на метало-преработувачката индустрија, металургијата, текстилната и кожарската индустрија. Со одлуката, компаниите се ослободуваат од царинските давачки за една година, кои во 2019 година изнесуваа 162,4 милиони евра, со цел да се зголеми извозната конкурентност на преработувачка индустрија.

Ова е постигнато на основа на неколку годишната наша темелна активност и на зачестените средби со Премиерот и со економскиот тим на Владата во последите неколку месеци. Нашата упорност и разбирање на нашите аргументите од страна на Владата, беа пресудни за оваа значајна работа што ќе доведе до подобрување на извозната конкурентност на нашите производи.

2. Повлекување на Законот за минерални сурови - Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини е повлечен од собраниската седница на барање на Македонската асоцијација на рударствотo при Стопанската комора на Македонија,  еден ваков комплексен закон да не се носи во скратена постапка, и поради неговата комплексност да се отвори широка јавна расправа со вклучување на сите засегнати страни.

Македонската асоцијација на рударствотo при Стопанската комора на Македонија со својата упорност успеа да се избори за темелна расправа по еден суштински и обемен закон кој има вкупно 74 члена.

3. Донесен е Законот за попис на населението, домаќинствата и становите - Собранието на РСМ го изгласа Законот за попис, со кој од 1 до 21 април годинава, ќе се спроведе најголемата статистичка операција во државата за прибирање податоци за населението, домаќинствата и становите на територијата на нашата земја кои ќе бидат основа за креирање на макроекономски планирања и развојни политики на државата.

Конечно, после 20 години, и покрај специфичниот момент во кој се наоѓаме самиот чин на осмелување да се затвори ова прашање е голем чин затоа што со тоа се испраќа јасна порака до сите дека конечно, отворените прашања што ја дискредитираат нашата држава, ќе почнат да се симнуваат од дневен ред.

 

II. Мостови

Мостовите се симбол на големите градители. Вие го градевте мостот меѓу минатото и иднината. И градителите и мостовите се вечни...

Зовичќи мост или Камен мост во с. Зовиќ, Мариовско. Уште еден пример на човековата храброст да ѝ пркоси на природата за да се премости Градешка Река заради комуникација на населението од Зовиќ и соседните села со мариовските села Бешиште и Полчиште. Изграден уште во турско време, првично бил дрвен мост, но поради преоптовареност при транспорт е уништен.

Денешниот мост се вбројува меѓу најубавите архитектонски творевини во Мариово. Изграден, 1955 година, од камени блокови со сводна (газела) форма, прилагодена на конфигурацијата на теренот, дело на мајсторот Џуладин од село Лабуништа, Струшко и Трајко Секирков од месното население. Со својата вонвременската импресија, мостот станал инспирација на најпознатиот македонски режисер Милчо Манчевски , да сними дел од својот филм „ Прашина “.

 

ПС: Не се само големите примери доволни за да се изгради позитивно бизнис - опкружување. За тоа се потребни и мали нешта. Затоа ги повикувам сите економски субјекти и поединци во државата ако имаат какви било информации за вакви позитивни примери да ги достават на следната електронска адреса: natasa.janevska@mchamber.mk .

Бранко Азески
Претседател на Стопанска комора на Македонија