„Сивус“ станува дел од чешката групација „Арикома“
➢ Актуелно (20.01.2021)
👁 Прочитано: 188




„Сивус“ станува дел од чешката групација „Арикома“

Нaјголемиот ИКТ-холдинг во Чешка, групацијата „Арикома“ ја презема македонската ИТ компанија „Сивус“.

Управниот директор на групацијата „Сивус“, Игор Лештар рече дека компанијата има 800 вработени од кои 500 во земјава и додаде дека има канцеларии во осум земји. На крајот на минатата година, додаде тој, „Сивус“ се спои со „Арикома“.

Директорот за инвестиции во „Арикома“, Михал Томанек посочи дека станува збор за глобална компанија која има канцеларии во целиот свет и се гледа, како што рече, како водечка групација во ИТ секторот.

„Пред четири години имавме амбиција да станеме значителен актер во дејностите кои ги работиме преку купување на помали фирми за да постигнеме критична маса и искуство кое ќе ни овозможи да бидеме значителен играч на глобалниот пазар. Се уште не сме стигнати таму иако сега имаме вредност во технолошкиот простор од над 300 милиони евра“, рече Томанек.

На ова, додаде тој, гледаме како на патување, за кое во последните години размислуваме за следните чекори и што тие може да бидат и, како што кажа, откривме дека пресвртница во Чешка и Македонија е токму ова и затоа се надеваме дека „Сивус“ ќе биде можност за нас да се прошириме понатаму и ќе биде перспектива за раст и достигнување на планот што го зацртавме пред извесно време.

„Клучна работа за нас е ДНК-та на фирмите и навистина ни се допадна ДНК-та што ја откривме во „Сивус“. Бев изненаден кога открив дека „Сивус“ ја има вистинската ДНК да одговори на предизвикот и да се движи напред“, порача Томанек и додаде дека и поволната бизнис средина била причина за инвестицијата во „Сивус“.

Според него, брзо сфатиле дека земјава е плодна почва за развој на ИТ секторот и додаде дека е на 18-то место според поволната бизнис клима во рангирањето на Светска банка и е рангирана втора од сите посткомунистички земји после Албанија и се споредува со Канада и Израел.

„Имате многу големи технички таленти кои треба да се искористат. Треба да вработиме повеќе луѓе во Македонија и да инвестираме во нивната иднина“, посочи Томанек.

Македонскиот ИКТ сектор во последните години е најбрзо растечка индустрија во земјата и вработува голем процент од најмладите и најпродуктивните кадри.

 
Служба за информирање при Комората