МОСТОВИ, НОВИ УСЛУГИ И ДОБРИ ПРИМЕРИ
👁 Прочитано: 488




МОСТОВИ, НОВИ УСЛУГИ И ДОБРИ ПРИМЕРИ

Редно е новата година да ја започнеме со поголема верба во совладувањето на актуелните проблеми поврзани со здравствено-економската криза. За тоа е потребно многу мудрост, упорност, ризик и по малку среќа. Во наредните мои обраќања, малку неочекувано, ќе започнеме со претставување на најстарите и најубави македонски мостови, како симбол на бизнис-асоцијациите, чија улога е и да ги премостуваат проблемите.

Мостовите не претставуваат само премин од едно кон друго место, од еден кон друг град и од еден кон друг континент. Мостовите се премин и од едно во друго време и од едно во друго размислување, верба, надеж. Мостовите спојуваат држави, народи, вери, религии, истории, времиња и периоди. Мостовите претставуваат моќ која ѝ пркоси на природата и која неможното го прави можно.

Елен-скок или Елен-мост . Така се вика мостот наспроти селото Могорче, кој ја премостува Гарска Река. Изграден е кон средината на 18 век, на патот што ги поврзувал населените места од Дебарската и од Полошката Котлина, а минувал низ Галичник, Маврово и продолжувал натаму кон Гостивар. Мостот претставува редок пример на мајсторството на градителите со невообичаената градба на еленски скок, со архитектурата и со поставеноста во просторот. Изграден е од делкан камен со само еден свод, дело на архитектот Мимар Хајрудин, кој го градел и Стариот мост на реката Неретва во Мостар. Мост по кој врвел обичниот патник, но и прочуениот Дичо Зограф, кога одел да го изработува познатиот иконостас во Бигорскиот манастир.

Втората работа што ќе ги обележува овие обраќања ќе бидат апсурдите, затоа што мислам дека е корисно да се споделат со вас. Првиот апсурд на нашата безидејност е светот секогаш да оди во еден правец, а ние во друг. Кога тој се обединува, ние се раздвојуваме; кога тој се реформира, ние спиеме.

Дали има причини за тоа?

Прво, имаме комплекс на помала вредност, особено како мала земја. Постојано зборуваме за големи проекти, а не можеме да направиме ниту мали. Постојано зборуваме за некои заговори, а 30 години не можеме да сфатиме што ни кажуваат пријателите од Запад за развивање на регионалната соработка.

Второ, многу сме еуфорични . Денес зборуваме за вселената, а утре со мотика по глава ги решаваме проблемите за меѓата. Денес дебатираме за геополитички стратегии, а вечер на песните од Цеца кршиме глави по кафеани. Другите се секогаш подобри и сите несреќи ни се случуваат нам. Тоа зборува дека мора да дојде до промена на менталитетот, а тоа е потребно за да имаме повисок стандард. За да имаме повисок стандард, треба да имаме поголеми стапки на раст. А за да имаме поголеми стапки на раст, треба да имаме консензус во однос на крупните прашања и да работиме двојно повеќе од сега.

П.С. Значи, за да градиме мостови кои логистички ќе го помогнат нашиот развој, а кои ќе го променат и нашиот менталитет, потребно е во секое обраќање, секоја недела, да прикажеме по еден пример дали сме успеале во изминатата недела да направиме некаков мост за доброто на нашите членки и дали сме направиле нешто за зголемување на нивниот раст, со што ќе се зголеми стандардот и ќе се менува менталитетот. Јас сум тука да ги поттикнувам тие работи, но и да ги регистрирам.

Бранко Азески
Претседател на Стопанска комора на Македонија