МАКЕДОНСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА ЗА РУДАРСТВОТО АПЕЛИРА ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ ДА НЕ СЕ НОСАТ ПО СКРАТЕНА ПОСТАПКА
➢ Актуелно (14.01.2021)
👁 Прочитано: 546




МАКЕДОНСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА ЗА РУДАРСТВОТО АПЕЛИРА ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ ДА НЕ СЕ НОСАТ ПО СКРАТЕНА ПОСТАПКА

Македонската асоцијација на рударството (МАР) изминатите месеци реагираше во однос на текстот за предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, доставен во собраниска процедура за усвојување по скратена постапка. Беа реализирани и работни средби со надлежните државни органи и поднесени конкретни предлози за измени/дополнувања во текстот на Законот, но, сепак, ниту едно од укажувањата, предлозите и од забелешките на Македонската асоцијација на рударството не се вклучени во предложениот текст на Законот, кој е предвиден да се разгледува по скратена постапка на 30. Седница на Собранието на РСМ, закажана за 18.1.2021 година.

МАР укажува дека Законот за минерални суровини е комплексен закон, за чии измени и дополнувања е потребна широка јавна расправа, а не нивно донесување по скратена постапка со еднострани измени предложени од надлежното министерство. Законски одредби кои создаваат правна несигурност и изготвување законски прописи без вклучување на сите засегнати страни е спротивно на начелата за транспарентност и за инклузивност. Нејасните и непрецизни одредби од предложениот текст на Законот, кои оставаат простор за субјективно и за арбитрарно постапување на надлежните државни органи, за компаниите кои работат во овој сектор создава правна несигурност и неповолна клима за инвестирање.

Имајќи ги предвид комплексноста на предвидените измени и можните ефекти врз работењето на компаниите, Македонската асоцијација на рударството апелира да се стопира натамошната постапка на усвојување на овој предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини и истиот да биде повлечен, како и да биде формирана работна група, во која покрај претставници на надлежното министерство, ќе бидат вклучени и претставници на МАР, на научната и на стручната јавност, како и на невладините организации, кои заеднички, низ процес на консултации, ќе работат на изготвување на законските одредби.

Служба за информирање при Комората