ОБРАЗОВАНИЕТО ВО ПРИМАРНИОТ ФОКУС ВО 2021 ГОДИНА
➢ Актуелно (14.01.2021)
👁 Прочитано: 649



Електронски систем за поврзување на верифицираните компании и средните стручни училишта
ОБРАЗОВАНИЕТО ВО ПРИМАРНИОТ ФОКУС ВО 2021 ГОДИНА

Минатата година ја обележаа повеќе активности во доменот на образованието и на соработката меѓу училиштата и компаниите, во насока на развивање на квалитетно стручно образование, кое ќе продуцира кадар кој во текот на стручното образование ќе стекне знаења и вештини соодветни за потребите на реалниот сектор, што ќе овозможи брз трансфер од училишната клупа до работното место.

Во услови на светска пандемија (COVID 19) дополнително се насочивме кон развивање дигитални решенија, кои би го олесниле администрирањето, од една страна, и кои би го поттикнале вмрежувањето на релација училишта-компании, од друга страна. Во таа насока, Стопанската комора на Македонија, поддржана од Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк“, започна со создавање електронски систем за поврзување на верифицираните компании и средните стручни училишта.

Станува збор за апликативно софтверско решение, кое ќе ја олесни соработката, ќе поттикне вмрежување и кое ќе претставува унифициран регистар, кој на едно место ќе ги содржи сите информации поврзани со верифицираните компании и ментори за реализација на практичната обука на учениците, за средните стручни училишта, за координаторите, за наставниците по практична настава, како и за учениците кои извршуваат практична настава. Ова комплексно решение на едно место ќе обединува повеќе регистри: електронски регистар на верифицирани компании, електронски регистар на сертифицирани ментори, електронски регистар на средни стручни училишта и на ученици, како и портал кој ќе биде во функција на вмрежување на компаниите, на стручните училишта и на учениците. На овој начин се олеснува комуникацијата меѓу релевантните институции задолжени за спроведување на овие процеси, се зголемува транспарентноста, се интензивира соработката и се врши афирмација на стручното образование. Покрај вмрежувањето, ова софтверско решение ќе содржи и стандарди за изведување практична обука на учениците кај работодавците, правилници, Законот за стручно образование и обука, процедура за верификација на работодавец, протоколи за изведување практична обука во услови на пандемија, како и други релевантни документи и обрасци, сѐ во насока на охрабрување за поголема вклученост на реалниот сектор во изведувањето на практичната настава кај работодавец. 

Во согласност со Законот за стручно образование и обука, коморите имаат овластување за верификација на работодавците  за спроведување практична обука, за што се обврзани да водат и регистар на верифицирани работодавци и регистар на склучени договори меѓу установите за стручно образование и обука и работодавците за практична обука на учениците. Стопанската комора на Македонија, како активен промотор на учењето преку работа и на дуалното образование, континуирано работи на зголемување на атрактивноста на стручното образование, а сѐ поголемата вклученост на компаниите во образовниот процес е доказ дека стручното образование ќе продолжи да испорачува кадар по мерка на бизнисот.

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Македонија