ОСМАНИ ВО АТИНА, БИЗНИСМЕНИ СПРЕМНИ ЗА СТАРТ ОД ДВЕТЕ СТРАНИ НА БОГОРОДИЦА
👁 Прочитано: 646



НАРЕДНИОТ МЕСЕЦ ЌЕ СЕ ФОРМИРА ЗАЕДНИЧКИ БИЗНИС КОМИТЕТ СПОРЕД ОДРЕДБИТЕ НА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР
ОСМАНИ ВО АТИНА, БИЗНИСМЕНИ СПРЕМНИ ЗА СТАРТ ОД ДВЕТЕ СТРАНИ НА БОГОРОДИЦА

Денеска во работна посета на Република Грција ќе престојува министерот за надворешни работи, г. Бујар Османи. Нормално е секоја таква посета да предизвикува внимание, особено во периодот во кој се наоѓаме. Според Преспанскиот договор, предвидени се определени обврски за двете страни. Нас нѐ интересира економската соработка и затоа денеска ќе презентирам неколку факти.

1.    Ја поздравувам иницијативата на министерот Османи да ги консултира коморите за економската соработка пред својата посета, што сметам дека треба да стане вообичаена пракса.

2.    Република Грција е наш значаен економски партнер. Со неа делиме граница од 234 км. Република Грција има БДП од глава на жител од 24.588 американски долари, извоз од 92,925 милијарди американски долари и е еден од нашите пет најголеми трговски партнери. Трговската размена за периодот јануари-ноември 2020 година изнесува 639,6 милиони американски долари и оваа година таа е нашиот петти трговски партнер.

3.    Со Република Грција имаме потпишано и еден билатерален договор, освен Преспанскиот, а тоа е Привремената спогодба од 1995 година, која овозможуваше основна, но и недоволна рамка за економска соработка. Затоа, денеска е моментот, покрај нашите десетина коморски иницијативи, конечно да се симне од дневен ред потпишувањето на договорите за одбегнување на двојното оданочување и за трговската и царинска соработка.

4.    Од потпишувањето на Преспанскиот договор, 17 јуни 2018 година, реализирани се  средби со мене и со претседавачот на грчката бизнис-асоцијација, кај нас, на 17 септември 2020 година, како и со генералниот секретар на МНР на Грција на 23 април 2019 година; презентирани се мастер-студиите на ИЦБС, бизнис-колеџот од Грција, на 18 јуни 2019 година; одржан е бизнис-форум во атинската Комора на 30 ноември 2018 година и голем бизнис-форум кај нас, меѓу македонските и грчките бизнисмени на 2 април 2019 година, како и бројни средби со регионалните комори на Грција и со менаџментот на Солунското пристаниште.

5.    Останува обврската за конституирање на Бизнис комитетот, која поради кризата со короната е одложена, а меѓународната група на експерти да ја заврши својата работа околу трговските марки. Со Унијата на грчките комори во моментов работиме на заеднички проект преку Програмата „Балмед“.

Тоа се фактите. Пред нас стојат многу обврски што треба да ги исполнат очекувањата на бизнисмените за интензивирање на соработката по потпишувањето на Преспанскиот договор. Тука, пред сѐ, мислам на големиот трговски дефицит од наша страна, кој изнесува 276 милиони американски долари, и на зголемувањето на грчките инвестиции и нивното враќање како наш втор трговски партнер од 2017 година. За тоа е потребно македонската бизнис-заедница да ги зголеми своите ангажирања, а нашата држава што побргу да ги склучи договорите за одбегнување на двојното оданочување и за трговска и царинска соработка.

П.С. Корона-кризата ги забави очекуваните позитивни економски поместувања и затоа денешната средба ја разбираме како почеток за надоместување на времето што е изгубено, затоа што за бизнисот се важни и стабилноста и предвидливоста на нашите односи, но и брзината како незаобиколен фактор.

 

Бранко Азески
Претседател на Стопанска комора на Македонија