ШТО ЈА ОБЕЛЕЖА 2020 ГОДИНА?
👁 Прочитано: 5899




ШТО ЈА ОБЕЛЕЖА 2020 ГОДИНА?Кликни за повеќе

Измина уште една година, 2020, година феномен. Сите стратегии, акциски планови, програми и очекувања беа врзани за овие бројки. Очекувавме економски раст на земјата, владеење на правото, функционално судство, квалитетно образование, почеток на преговори со ЕУ и, се разбира, деполитизација на институциите, што подразбира вработување на способен, компетентен и стручен кадар на вистинско место и во вистинско време.

Што навистина донесе 2020 година?

Корона-вирус, над 81.721 заболени, 2.445 починати, здравствена и економска криза, предвремени избори во услови на пандемија...Последиците се почувствуваа во сите економски сектори, а најмногу во туризмот и во угостителството, како и во сообраќајот и транспортот. Во третиот квартал од годината евидентен е падот на БДП од -3,3 %. Изгубени се околу 13,7 илјади работни места во однос истиот период минатата година. Вкупната надворешна трговија е намалена за 2,6 %, а негативни движења се забележани и кај извозот и кај увозот. Здравствената криза ги измени плановите на компаниите и воведе нов начин на работење – далечинско работење од дома. Во сферата на образованието, Извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата земја покажа дека нема сериозно поместување во областа на образованието и сè уште е умерено подготвена во областа на образованието.  Се развија полемики за реформите во образованието и новата Концепција за основно образование и реакција на Македонската академија на науките и уметностите за систематско изучување на македонската историја и македонскиот јазик. И, на крај на сè, се случи вето за почеток на преговорите на нашата земја за членство во Европската Унија.

Што ја обележа 2020 година во Стопанската комора на Македонија?

На бизнисот му се потребни правна и економска стабилност и позитивна клима за продуктивност во работењето и во инвестирањето. Токму затоа, Стопанската комора на Македонија укажуваше на потребата од усогласување на образованието со потребите на бизнис-заедницата и на општеството во целост и го иницираше носењето на новиот закон за стручно образование и обука. Тоа значи системско регулирање на процесите, дефинирање на правилата за упис, соработка со коморите, регулирање на практичната обука за стекнување стручни вештини и унапредување на основните и трансверзални вештини на поединците, што овозможува долгорочно планирање на развојот на бизнисот, обезбедување работна сила и решавање на празнините за потребните вештини и квалификации.

Пандемијата не ја спречи Стопанската Комора на Македонија да работи на зголемување на атрактивноста на стручното образование и обука и на засилување на соработката меѓу компаниите и стручните училишта за реализација на практичната обука на учениците во компаниите, со фокус на обезбедување квалификации во секторот градежништво и геодезија. За да ја исполни целта, Комората реализираше обуки за ментори во компаниите и ги верификуваше компаниите за реализација на практичната обука.

Иако се работи во нови, наметнати услови поради пандемијата, Комората организираше настани (трибини, конференции, вебинари) за промоција на стручното образование и обука: „Вклученоста на приватниот сектор во стручното образование и обука и соработката со училиштата“; „Како да се вклучите во процесот ‘учење преку работа’; практични чекори за вклучување на компаниите, подготовка на компаниите за учење преку работа и спроведување и поддршка во процесот“; Поголема вклученост на приватниот сектор во формалното и во неформалното стручно образование, со фокус на практичната обука“.

Стручното образование, особено во време на пандемија, беше тема на вебинарите организирани од Европската комисија со активен придонес на претставниците од Комората.

И во време кога цели системи функционираа од дома, не изостанаа ниту анализите што работеше Комората во насока на зголемување на интересот на компаниите за вклучување во дуалното образование и за обезбедување на потребните квалификации – „Вклученоста на приватниот сектор во стручното образование и обука и соработката со училиштата”. Дури 67,9 % од компаниите опфатени со анкетното истражување се изјасниле дека соработката со стручните училишта ја остваруваат преку реализација на практична обука на учениците; само 7,1 % од компаниите помагаа во опремување на училиштата, додека 23 % од компаниите вработиле ученици што реализирале практична обука кај нив. За согледување на потребата од занимањата што ги бараат компаниите, регионалните комори направија анализа и подготвија извештаи за резултатите од анализата – „Анализа за предвидените потреби од занимања во седумте клучни сектори на квалификации“ – кои беа дел од Оперативниот план за вработување.

За улогата на Комората во стручното образование, за поголема видливост и транспарентност во работењето во делот на вклучување на компаниите во учењето преку работа, беа одржани прес-конференциии на темаУписната политика – фактор за обезбедување стручен кадар за стопанството“ и „Учењето преку работа – можност за вработување квалификуван и стручен кадар“, заедно со претставници од „ЕВН Македонија“, кои го пренесоа своето искуство.

Вирусот КОВИД 19, кој дирекно го погоди здравствениот систем, остави последици врз бизнисот, економијата и врз општеството во целост. Имуно не остана ниту образованието, кое реагираше со прекин на наставата. Во таква состојба, Комората, преку свои текстови, реагираше на отсуството на учениците од настава, со укажување дека образовниот процес мора да се приспособи на новото време и на новиот начин на функционирање, како што тоа го направија другите земји. Но, по првиот бран од пандемијата, Комората  остана на ставот дека практичната обука треба да се реализира со физичко присуство на учениците во компаниите. Тоа значи реализација на практичната обука во компаниите со почитување на превентивните мерки за заштита и затоа ги изработи протоколите за реализација на практичната обука во компаниите во услови на вирусот КОВИД 19.

Во една максимално сложена ситуација, Комората не ги заборави меѓународната и регионалната соработка во областа на образованието, во насока на обезбедување човечки ресурси за  компаниите, олеснување на регионалната мобилност на пазарот на трудот и лесно пронаоѓање работно место, особено за младите лица. Затоа, со свој претставник и преку учество на компаниите членки, Комората учествуваше на виртуелните работилници за изработка на регионални стандарди за занимањата хотелско-ресторантски техничар, монтер за сува градба, поставувач на подови, плочкар и молер.

Пополнувањето на празнините во делот на обезбедувањето стручен кадар, потребен за продуктивност на компаниите, Комората го гледа преку процесите на доквалификација и преквалификација на работната сила низ системот на неформалното образование, па во соработка со компаниите членки на Комората изработи 15 посебни програми за образование на возрасни за стекнување квалификации: електричар, електричар за софтвер, обработувач на метал, оператор за машини ЦНЦ, бравар, заварувач, слаткар, пекар...

Новата состојба го смени начинот на работа и во Комората, па едукациите со физичко присутво ги замени со виртуелни обуки, со учество на препознатливи обучувачи и современи теми.

Што можеме да заклучиме?

Ова се само дел од активностите што ги реализираше Комората во услови на пандемија, но со почитување на сите пропишани мерки за заштита од вирусот КОВИД 19. Секако, колку и да сакаме да ја заборавиме 2020 година, таа ќе остави белег и во нашите животи и во начинот на работењето на Комората, но кризата ни покажа дека сме поиздржливи отколку што мислевме и дека можеме да се приспособуваме на нови ситуации. На дело покажавме дека како Комора сме подготвени да излеземе со вистински мерки и активности и да им помагаме на компаниите за создавање посилна македонска економија во периодот на постковид 19, затоа што Стопанската комора на Македонија е најстарата бизнис-асоцијација (остануваат уште 421 ден до 100-годишнината), најбројната бизнис-асоцијација (со вкупно 15.000 членки) и најмоќната бизнис-асоцијација (од аспект на генерирање 50,3 % од вкупниот приход и 47,6 % нето-добивка преку своите членки), што е поткрепено со податоци од Централниот регистар на државата, но, уште поважно, дека секој трет вработен во државава или 33,7 %, е вработен во фирмите, членки на Комората.

П.С. Не е сè толку црно. Крајот на годината ни го обележа еден убав настан – САЈТОТ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА www.mchamber.mk Е ИЗБРАН ЗА НАЈДОБАР БИЗНИС-САЈТ/КОРПОРАТИВЕН САЈТ ЗА 2020 ГОДИНА.

 
 
м-р Наташа Јаневска
Проектен менаџер во Стручната служба на Комората