ЕУ – што треба да знаеме I. ИСТОРИЈАТ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА
👁 Прочитано: 4342




I.	ИСТОРИЈАТ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Европската Унија е геополитички ентитет кој покрива голем дел од европскиот континент. Основана е врз база на голем број договори, преку кои го постигнува својот просперитет, и од првичните 6 земји сега брои 27 земји членки. Претставува економска и политичка унија, единствена меѓувладина и наднационална заедница на европски држави. На почетокот Европската Унија е создадена како резултат на процесот на соработка и интеграција започнат во 1951 година меѓу шест држави Белгија, Франција, Германија, Италија, Луксембург и Холандија.

На иницијатива на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман, претставниците на шесте земји Белгија, Германија, Франција, Италија, Луксембург и Холандија, на 18 април 1951 година, го потпишаа Договорот за Европска заедница за јаглен и челик (ЕЗЈЧ). Основната идеја потекнува од францускиот комесар за планирање Жан Моне. ЕЗЈЧ требаше да обезбеди заеднички пазар за јаглен и челик, што подразбира и заедничка контрола, планирање и користење на оваа важна, воена, индустриска гранка. Главните мотиви за овој предлог се засноваат врз идејата за запирање на германско-француското непријателство и врз желбата за поставување камен-темелник на европската федерација.

Европската Унија, како институционален облик на повеќенационалната европска интеграција, која се остварува преку Европската заедница за јаглен и челик, Европската заедница за атомска енергија и преку Европската економска заедница, се формира на предлог на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман на 9 мај 1950 година, со предлогот за формирање Европска заедница за јаглен и челик.

Европската заедница за јаглен и челик (ЕЗЈЧ) формално е востановена со Парискиот договор во 1951 година за да се создаде заеднички пазар на јаглен и челик меѓу шесте земји основачи.

Европската заедница за атомска енергија ЕЗАЕ е востановена со Римскиот договор во 1957 година, со кој е дефиниран заедничкиот пазар, а стапи во сила на 1 јануари 1958 година.

Европската економска заедница (ЕЕЗ ) е формирана со Римскиот договор во 1957 година, со цел да се создаде заеднички европски пазар со голем асортиман на стоки и услуги, а на 1 јули 1968 година царините меѓу шесте земји беа целосно укинати. Денес структурата на оваа заедница му припаѓа на првиот столб на Европската Унија.

Институциите од трите заедници беа соединети со Договорот за соединување во 1967 година, иако нивните извршни комитети останаа правно раздвоени. Во 1973 година името на Европската економска заедница беше скратено во Европска заедница, што правно беше потврдено дури со Мастришкиот договор во 1992 година, кога формално е формирана Европската Унија, преку поврзување на наднационалните подрачја на заедниците со меѓувладините подрачја на надворешната и на безбедносната политика, правда и внатрешни работи – трите столба на Европската Унија.

Европската Унија е официјално формирана на 1 ноември 1993 година, со влегувањето во сила на Договорот за Европската Унија (Договорот од Мастрихт). Се дефинира како федерација во монетарните односи, земјоделството, трговијата и во заштитата на животната средина; како конфедерација во социјалната и во економската политика, во заштитата на потрошувачите и во домашната политика и како меѓународна организација во надворешната политика.

Европската Унија денес вклучува 27 земји членки на Унијата (ова се последните податоци без Велика Британија, која од неодамна го напушти членството на Унијата). Тоа се: Белгија, Германија, Франција, Италија, Луксембург, Холандија, Грција, Шпанија, Португалија, Австрија, Финска, Шведска, Данска, Ирска, Република Чешка, Унгарија, Полска, Словачка, Естонија, Летонија, Литванија, Словенија, Кипар, Малта, Хрватска, Романија и Бугарија. Земји со статус на кандидати за членство во Европската Унија се Р Северна Македонија, Црна Гора, Албанија, Србија и Турција, а потенцијални кандидати се Босна и Херцеговина и Косово.

Денешната Европска Унија е составена од три посебни столба на Унијата, во кои, покрај Европската заедница ЕЗ како прв столб, влегуваат и заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата како втор и соработката во областа на полициските и кривични работи (колоквијално наречена правда и внатрешни работи) како трет столб.

Проширувањето на Европската Унија е процес на проширување на Европската Унија преку прием на нови земји членки. Досега имаше шест проширувања, а последното беше во 2013 година со влезот на Хрватска.

Денес процесот за приклучување е проследен со голем број формални постапки – од претпристапен договор до ратификација на финалниот договор за приклучување. Овие постапки првенствено се прегледуваат од Европската комисија (од комесарот за евроинтеграција и од Генералниот директорат за проширување), но реалните преговори технички се водат меѓу земјите членки на Европската Унија и земјата кандидат. За приклучување кон Европската Унија државата треба да исполни економски и политички услови наречени копенхагенски критериуми (Самит во Копенхаген, јуни 1993 година), чии исполнувања подразбираат:

1. стабилни институции, кои ќе ги гарантираат демократијата, владеењето на правото, човековите права, како и почитувањето и заштитата на малцинствата;

2. функционална пазарна економија и капацитет за справување со притисокот на конкуренцијата и со пазарните сили во рамките на Унијата и

3. способност за преземање на обврските што ги носи членството во ЕУ, вклучувајќи и поддршка за целите на Унијата. Тие мора да имаат јавна администрација која ќе биде способна да ги спроведува законите на ЕУ.

Потенцијални земји за членство во ЕУ

Последната програма за проширување на Европската Унија главно е насочена конТурција, земјите од Западен Балкан и кон Исланд..

  1. Турција има потпишано Договор за асоцијација со ЕУ, а аплицираше за членство во 1987 година. Преговорите за членство во ЕУ конечно започнаа, не само со Турција туку и со Хрватска, во октомври 2005 година. Во 2013 година Хрватска стана членка, а Турција и денес чека. Затворено е само едно поглавје од вкупно 35. Како проблем за влез на Турција во ЕУ се наведува кипарското прашање.
     
  2. Земјите од Западен Балкан (Македонија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово)

Ø Македонија аплицирала за членство во ЕУ на 22 март 2004 година. На 9 ноември 2005 година Европската комисија на Македонија решила да ѝ додели статус на кандидат. Така, на 17 декември 2005 г. Претседателството на Европскиот совет во Брисел на Македонија ѝ доделило статус на кандидат за членство во Европската Унија. Во март 2020 година, со одлука на Советот на ЕУ, потврдена од Европскиот совет, се одлучи за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија. Позначајни тешкотии со кои се соочува Република Македонија е остварувањето европски стандарди на владеење на правото и економијата.

Ø Црна Гора официјално на 15 декември 2008 година побарала да стане земја кандидат за членство во ЕУ.

Ø Србија, и покрај неуспесите во областа на политиката, на 19 декември добила безвизен режим и официјално поднела молба за членство на 22 декември 2009 година.

Ø Босна и Херцеговина сѐ уште се соочува со големи економски и политички проблеми. Преговорите на земјата за стабилизација и асоцијација започнале во 2005 година, а требало да бидат завршени во 2007 година. Но поради неспроведените реформи во полицијата роковите за членство биле продолжени до 2008 година.

Ø Албанија е првата земја официјално призната како потенцијална земја кандидат за членство во ЕУ. Земјата во 2006 година го потпишала Договорот за асоцијација и стабилизација. Но и покрај тоа, примањето на Албанија во ЕУ зависи главно од нејзината економска и политичка сигурност. Официјално, Албанија поднела кандидатура во 2009 година.

Ø Косово единствената пречка засега за присоединување на Косово кон ЕУ е нејзината успешна Декларација за независност од 2008 година. Независноста на земјата не е призната од сите земји членки на Унијата.

 

  1. Исланд своето приклучување кон ЕУ го започнал во 2009 година, главно, како резултат на големата рецесија во земјата. Пред тоа односите меѓу ЕУ и Исланд биле регулирани главно преку европскиот економски простор и преку Шенгенскиот договор, кои означуваат дека голем дел од регулативите и од законските прописи на ЕУ се веќе спроведени. Поранешните исландски влади главно не гледале никаква неопходност за полноправно членство во ЕУ. Главната причина за тоа било губењето на контролата врз рибарството и врз земјоделството. По приемот во Унијата овие области ќе се регулираат преку заедничката аграрна политика и преку политиката за рибарство на ЕУ.

 

Земји кои немаат намера да станат дел од ЕУ

ЕФТА-земјите (Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија) со исклучок на Исланд.

 

Заклучок

Од самиот почеток, цел на формирањето на Европската Унија претставува здружувањето заради економски интереси, иако превладуваа политичките. Европската Унија стана јадро на политичката архитектура на моќта на европскиот континент. Сценариото за основање на Европската Унија беше напишано пред нешто повеќе од 50 години со договорите од Рим, како главен проект за архитектурата на новата интегрирана Европа. Европската интеграција денес е дојдена до тој степен што се поставува прашањето за завршување на процесот на интеграција и за институционална одржливост поради преобемната бирократизација и поради сѐ покомплицираниот процес на донесување одлуки. Со Договорот од Лисабон се направи нужно дотерување на стратешката ориентација на Европа. Дел од централните реформи се приспособување во делот на донесувањето одлуки, јасно разграничување на надлежностите меѓу Унијата и земјите-членки, јакнење на Европскиот парламент, правна обврска на Повелбата за основните права и воведување граѓанска иницијатива.

Проширувањето, како процес за влез на нови земји членки во Европската Унија, со себе носи нови правила и процеси, кои се заемно привилегија и обврска како на новите земји така и на институциите на ЕУ. Иако со Лисабонскиот договор јасно е дефинирано кои надлежности ги има Унијата, а кои земјите членки, секоја од државите се води според своите национални интереси и со самото право на еднаков глас при донесувањето одлуки процесот станува подолготраен и покомлициран. На пример, последните случувања со носењето на буџетот за европските програми за финансирање на европските фондови за истражување и развој 2021-2027 година, а кои во моментов се блокирани од Унгарија и од Полска поради фактот што сите 27 земји мора да гласаат за да може одлуката да биде донесена.

Истото се случува и со донесувањето одлука за започнување преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, каде што една земја членка на ЕУ може да го блокира целиот процес. Можеби е време да се редефинираат правилата за носење одлуки во ЕУ и да се воспостави рамка каде што ќе превладува интересот на мнозинството земји членки, наместо националните интереси на одделни земји.

Јадранка Аризанковска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување