НОВОТО НОРМАЛНО: УПРАВУВАЊЕ СО СТРЕС ПРЕДИЗВИКАН ОД НЕИЗВЕСНОСТ
➢ Актуелно (27.11.2020)
👁 Прочитано: 580



НОВОТО НОРМАЛНО: УПРАВУВАЊЕ СО СТРЕС ПРЕДИЗВИКАН ОД НЕИЗВЕСНОСТ

Просечниот човек сега има можност за премногу информации и е постојано оптоварен со потребни и со непотребни информации, а, вообичаено, побројни се лошите во однос на добрите. Тоа е причина за сè поголемата напнатост, анксиозност, депресија и постојан стрес. Стресот е секојдневие на луѓето и поради тоа што тоа е континуирано, кај луѓето има потреба од истражувања и од едукација во врска со справувањето со него.

Стресот, кој е одговор на организмот на барањата на надворешниот свет, го чувствуваме насекаде – на работа, дома – бидејќи опстојуваме во околина исполнета со стрес. Според некои од многуте дефиниции, стресот е неспецифичен склоп на телесни промени како реакција на одредени надворешни дразби. Секоја ситуација што човекот ја доживува како преголема, претешка, несоодветна, со можни загрозувања, недоволно јасна или монотона предизвикува појава на стрес. Поради тоа лицето доживува разочараности вознемиреност.

Денес се соочуваме со продолжено зголемување на нивото на стрес. На долг рок ова може да доведе до зголемување на вознемиреноста и до нарушувања на расположението. Не можеме да си дозволиме да бидеме под постојан стрес бидејќи тоа ја намалува отпорност на човечкото тело и ум. Исто така, мора трпеливо да си дозволиме моменти на одмор. Континуираното учење или работата во текот на оваа фаза може да бидат штетни. Тоа е како да истрчате маратон што трае неколку месеци. Затоа треба малку да застанеме и да ја обновиме својата енергија.

Токму во таа насока беше и оваа виртуелна обука на тема „Новото нормално: управување со стрес предизвикан од неизвесноста“, што се одржа на 26 ноември 2020 година во организација на Клубот на менаџери претприемачи при Стопанската комора на Македонија, а во соработка со Наташа Алексовска, основач и деловен консултант на компанијата „Вивендум рацио солушнс“ од Скопје

За успешно дејствување на организацијата, за што од голема важност е да работат вработени со минимизиран стрес, или без стрес, неопходно е соодветно да се менаџира со стресот и тоа како од страна на вработените така и од страна на менаџерите. Ова значи дека е потребна реализација на соодветни активности и на индивидуално ниво и на организациско ниво, само на тој начин ќе се создадат услови за отстранување на стресот на работното место или негово минимизирање, а како бенефит на сето тоа ќе се постигне задоволство кај вработените, но и опстанок и развој на организацијата.

Посебно стресот предизвикан од моменталната состојба на пандемија во која се наоѓа светската популација и од неизвесната иднина која доаѓа со новото опкружување влијае на психичката состојба на луѓето. Поради тоа е потребно  да се намали стресот преку подигање на свеста, но и правилно и одговорно следење на правилата и протоколите. На пример: aко некој не носи маска или се однесува неодговорно, тоа ќе предизвика чувство на страв и недостаток на самодоверба. Затоа, правилата мора внимателно да се следат за да се зголеми нивото на удобност.

Улогата на менаџерите е да создадат работни места со намален стрес или без стрес, што ќе значи зголемен обем на работа и зголемена продуктивност. Целта на секоја работна организација е да стекне поголем профит од своето работење, за што несомнено еден од предусловите е и да креира работна атмосфера каде што вработените ќе бидат мотивирани, посветени и среќни за нивната работа. Само во такви работни услови вработените се способни да ја извршуваат својата работа на високо ниво.

„Новото нормално“ е се повеќе, начин на живеење кој е исполнет со постојани промени. Тие промени се длабоки и брзи и опфаќаат повеќе сфери на дејствување и живеење. Современите компании се ставени пред предизвик како да опстанат, како да функционираат и како да напредуваат во деловното опкружување, чиишто главни карактеристики се неизвесност и непредвидливост. Менаџерите на успешните компании денес се свесни дека конкурентската предност на нивните организации пред сѐ зависи од вештините на тимот, односно од квалитетот на нивните човечки ресурси, бидејќи човечките ресурси претставуваат важна алка во процесот на работењето на секоја компанија или институција.

Валентина Цветковска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија