УЧЕЊЕ ПРЕКУ РАБОТА - КЛУЧНА АЛАТКА ЗА ПОВРЗУВАЊЕ НА КОМПАНИИТЕ И УЧИЛИШТАТА ВО НАСОКА НА КРЕИРАЊЕ НА КВАЛИТЕТЕН СТРУЧЕН КАДАР
➢ Актуелно (26.11.2020)
👁 Прочитано: 712



УЧЕЊЕ ПРЕКУ РАБОТА  - КЛУЧНА АЛАТКА ЗА ПОВРЗУВАЊЕ НА КОМПАНИИТЕ И УЧИЛИШТАТА ВО НАСОКА НА КРЕИРАЊЕ НА КВАЛИТЕТЕН СТРУЧЕН КАДАР

Соработката помеѓу стручните училишта и компаниите е од особено значење во насока на креирање квалитетен стручен кадар и надминување на разликите помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд , како неминовен услов за обезбедување на одржлив економски раст и развој на земјата.

Во таа насока, Стопанската комора на Македонија, како најстара и најбројна бизнис заедница во државата организираше вебинар на тема: „Како да се вклучите во процесот на учење преку работа“.  М-р Наташа Јаневска, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија истакна дека економскиот просперитет на долг рок е можен единствено преку квалитетно стручно образование како комбинација од стручни знаења стекнати во училница и практични вештини и комбинации на реално работно место преку процесот на учење преку работа.  Во своето обраќање, Јаневска се фокусираше кон афирмација на учењето преку работа и улогата на Стопанската комора на Македонија во поттикнување и олеснување на процедурите за поголема вклученост на компаниите во овој процес.

За придобивките од вклученоста на компаниите во овој процес говореше Дидер Гелиберт, експерт за вклучување на приватниот сектор во учењето преку работа, претставник на Европската тренинг фондација, кој истакна дека преку овој процес се постигнуваат целите на компаниите како што се усогласување на вештините согласно барањата на реалниот сектор, олеснување на транзицијата од училишна клупа до работно место, развивање на работни навики и чуство за припадност кон одредена работна организација. Овие работи овозможуваат обострана корист и гледанo на долг рок обезбедуваат решавање на два клучни аспекти: стручен кадар по мерка на бизнисот и намалување на стапката на невработеност, особено кај младите лица, истакна Гелиберт.

Од страна на реалниот сектор преку примерот на ЕВН АД Македонија, компанија лидер во процесот на учење преку работа беше потенцирано дека кај голем дел од компаниите се развива различна перцепција за учењето преку работа, дел од нив располагаат со ограничени информации, а една од причините поради која постои сомнеж можеби се лоцира и во односот инвестиции наспроти издатоци, во финансиска смисла на зборот.

Покрај филантропската компонента на општествена одговорност, компаниите треба да ја разберат и финансиската компонента дека преку вклученост во учењето преку работа се кратат трошоци во процесот на селекција и регрутација на вработени, бидејќи веќе подготвениот кадар нема потреба од дополнително време за запознавање со процесите, на тој начин се зголемува продуктивноста, а времето и продуктивноста се значајни за ефикасно работење на една компанија, изјави Анета Петровска Русомаровски, раководител на секторот за човечки ресурси при ЕВН, воедно и лидер на Проектот “20-20-20” – успешна приказна за соработка помеѓу компанија и стручно училиште.

Преку проектот “20-20-20“, ЕВН Македонија создаде пилот програма за профилот електротехничар и во соработка со СЕТУГС „Михајло Пупин“ во 2017 година започнавме со приказната 20 средношколци кои ќе завршат тригодишно стручно образование и во 2020 година ќе бидат вработени под загарантирана плата од 20.000 ден. Годинава нашиот тим е побогат за 15 вработени кои воедно се и најмладиот кадар во компанијата, истакна Петровска Русомаровски. 

м-р Јаневска, пред учесниците ја елаборираше законската рамка, обврските на работодавачите,  улогата на Комората во процесот на учење преку работа и преку шематски приказ ги појасни сите чекори низ кои ќе треба да поминат компаниите во насока на подобро разбирање на своите потреби и конципирање на целите за правилна имплементација на учењето преку работа кое треба да резултира со “win-win” ситуација. Процедурата за верификација на компанија за практична обука, вклучува обезбедување стручен кадар-ментори кои преку стручно-дидактичка обука спроведена од Комората ќе бидат оспособени да работат со учениците, како и обезбедување опрема и исполнување на просторни услови. 

Стопанската Комора на Македонија е институцијата, задолжена за водење и спроведување на процесот на верификација на работодавачите, гарантирајќи дека компаниите кои ќе се вклучат во овој процес ги исполнуваат условите и обезбедуваат квалитетна практична настава за учениците.

На крајот беше изразена благодарност и до Проектот Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк преку кој беа реализирани повеќе активности изминатите години во насока на промовирање стручното образование, поддршка на компаниите и стручните училишта, а една таква активност е обезбедувањето на платформата CANVAS која е од особена корист за учениците со што се покажа дека и пред пандемијата се започнати конкретни чекори за дигитиализација на образованието.

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Македонија