Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија одржа седница на која членките ја разгледаа и усвоија Програмата за работа во следните пет години. Програмата за работа ги дефинира полињата на делување на Здружението како релевантен претставник на градежните компании, соработката со институциите и стручните асоцијации, нормативните и развојните активности, како и приоритетите за подобрување на деловното опкружување и создавање на услови за одржливо и поконкурентно градежништво на домашниот и странскиот пазар.
Вмрежувањето со други асоцијации и организации од градежната струка на домашен и меѓународен план, како и решавањето на проблемот поврзан со недостигот на квалификуван кадар преку вклучување на градежните компании во процесот учење преку работа ќе бидат приоритетни и долгорочни цели на Здружението - заклучи претседателот Андреа Серафимовски.
На седницата се дискутираше и за потребата од измени и дополнувања на прописи од градежниот сектор кои во моментот го отежнуваат работењето на компаниите, како и за нормирање на материјата од областа на сувата градба за што во следниот период Здружението ќе иницира и стручни расправи со надлежните институции и ресорните министерства. Дополнително, компаниите дискутираа и за тековните економски случувања и посебно се осврнаа на иницијативата за прогласување на недела како неработен ден. Во тој контекст, посочија дека градежништвото како стопанска гранка поради спецификите на дејноста и начинот на работа треба да биде изземено во случај на евентуални законски измени, бидејќи во спротивно истите негативно ќе се одразат врз продуктивноста на трудот и ефикасноста на реализацијата на проектите.
Поради здравствената состојба предизвикана од пандемијата на КОВИД – 19, седницата се одржа on – line со користење на платформата WebEx cisco.