ПРАВА, ОБВРСКИ И ПРЕВЕНЦИЈА ОД ИЗРЕКУВАЊЕ НА ГЛОБИ НА РАБОТОДАВАЧИТЕ ПРИ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ОДРЕДБИТЕ ЗА ОТСУСТВО ОД РАБОТА, ВРШЕЊЕ НА РАБОТА ДОМА И ПРЕСТАНОК НА ДОГОВОРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ
➢ Актуелно (23.11.2020)
👁 Прочитано: 589



ПРАВА, ОБВРСКИ И ПРЕВЕНЦИЈА ОД ИЗРЕКУВАЊЕ НА ГЛОБИ НА РАБОТОДАВАЧИТЕ ПРИ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ОДРЕДБИТЕ ЗА ОТСУСТВО ОД РАБОТА, ВРШЕЊЕ НА РАБОТА ДОМА И ПРЕСТАНОК НА ДОГОВОРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ

Повеќе од било кога, се издигна на ниво на неопходност потребата од навремено информирање за брзите регулативни промени и соодветно приспособување на истите.
Во обид да се креира заедничка платформа за дискусија, на која преку интерактивно учество би се одговориле сите прашања и дилеми на слушателите за некои од темите кои се покажаа како најпредизвикувачки во сферата на работните односи, Стопанската комора на Македонија, на 23 ноември 2020 година, организираше еднодневна „онлајн“ работилница на тема: „Права, обврски и превенција од изрекување на глоби на работодавачите при спроведувањето на одредбите за отсуство од работа, вршење на работа дома и престанок на договорот за вработување“. 
Работилницата беше концепирана на начин што ги опфати трите главни полиња од интерес за работодавачите и работниците, сé со цел обезбедување на што поголема информираност и превентивна правна заштита.
Во првиот сегмент, се анализираа најшироко применуваните основи за отсуство од работа и се утврди како истите правилно да се спроведат во секојдневното работење. Притоа, опфатени беа условите за отсуство од работа по основ на боледување, со особен акцент на боледувањето на работниците кои се директно или индиректно отсутни од работа поради КОВИД-19; потоа: бременост, раѓање и родителство, а се разгледаа и актуелните институти принуден платен одмор и неплатеното отсуство преку специфичностите на нивното спроведување.


Следниот дел, ги опфати поимот и поединостите на вршењето на работа дома, согласно одредбите на Законот за работни односи, наспроти она што се јавува како практична потреба за упатување на работниците на работа од дома, како интересен институт кој забележа огромен пораст во примената.
Конечно, работилницата разви дискусија во насока на преглед на законски предвидени причини за откажување и престанок на договорот за вработување.
Предавач на работилницата беше Викторија Спасовска - Симоноска, адвокат во Адвокатско друштво „Гоџо, Кичеец & Новаковски“, предавач на обуки, семинари и конференции со особен фокус на тематики од облигационото, деловното и трудовото право.

 

М-р Анита Митревска
стручен соработник во Стопанска комора на Македонија