Одржан семинар во организација на Стопанската комора на Македонија на тема: ОСНОВИ НА БЕЗБЕДНОСТ НА ИТ ИНФРАСТРУКТУРА ВО КОМПАНИИТЕ
➢ Актуелно (18.11.2020)
👁 Прочитано: 738



Одржан  семинар  во организација на Стопанската комора на Македонија на тема: ОСНОВИ НА БЕЗБЕДНОСТ НА ИТ ИНФРАСТРУКТУРА ВО КОМПАНИИТЕ

Во време кога огромни сегменти од нашите животи се префрлуваат во онлајн средината, повеќе од било кога е неопходно да се заштитиме и да ја гарантираме безбедноста на ИТ структурата до степен кој што ќе биде одржлив и истраен.

Следејќи ги потребите на деловните субјекти, Стопанската комора на Македонија на ден 18.11.2020 година, организираше онлајн семинар на тема „Основи на безбедност на ИТ инфраструктура во компаниите“.

На семинарот, интерактивно се разработија некои од  прашањата поврзани со безбедноста на ИТ инфраструктурата, а примерно:
- Кој степен на безбедност на ИТ структурата може да се квалификува како задоволителен;
- Колкав квантитет на продукти се потребни за да овозможат безбедност и кои се тие;
- Како да се избере соодветна софтверска алатка за  конфигурирање безбедна ИТ структура;
- Како да се спроведе анализа за потребите од ИТ безбедност за компанијата;
- Како да се креираат сценарија за потребите во компанијата;
- Кој е начинот на поврзување мрежни уреди во соодветна конфигурација;
- Како безбедно да се конфигурираат ИП конекции и ефикасно да се користат ИП сервисите.

Преку одговор на сите дилеми на слушателите, се оствари и целта на семинарот, која се состоеше во овозможување на стекнување на знаења за планирање и обезбедување вистинска заштита и безбедно работење.

Еден од потенцираните заклучоци на семинарот е како да се балансира помеѓу економскиот и практичниот елемент на темата, односно како да се определи буџет за безбедност на ИТ структурата кој ќе е соодветен и приспособен на потребата да се избегнат злонамерните напади врз системот. Токму во оваа насока беа претставени неколку сценарија за паметно планирање на средствата и ресурсите за обезбедување посакувано ниво на безбедност според големината на компанијата и карактеристиките на работење.

Покрај дефинирање на основните клучни фактори за успешно имплементирање на безбедна ИТ структура, семинарот обезбеди информации и практични напомени за тоа како оваа структура да се надградува и во иднина.  

Предавач на семинарот беше Гордана Јанакиевска, дипломиран електроинжинер, информатичар, обучувач од областа на ИТ, имплементатор на ИТ безбедни решенија, која со безбедност на ИТ структура се занимава повеќе од 10 години и активно е вклучена во проекти финансирани од ЕУ, УСАИД и Британскиот Совет како експерт и обучувач.

М-р Анита Митревска
стручен соработник во Стопанска комора на Македонија