Благој Христов, претседател на Здружението на ИКТ “ОНЛАЈН” УЧЕЊЕТО КАКО ДЕЛ ОД ДИГИТАЛНАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА
➢ Актуелно (17.11.2020)
👁 Прочитано: 610



“ОНЛАЈН” УЧЕЊЕТО КАКО ДЕЛ ОД ДИГИТАЛНАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА

Здружението на информатичко комуникациски технологии при Стопанската комора на Македонија и членките на Здружението се активни во дискусијата, поддршката и имплементацијата на “Онлајн” учењето поради две работи: здравствената криза предизвикана од Ковид 19 и дигиталната трансформација во делот на образованието, процес кој и без здравствената криза беше неминовен.

Здравствената криза и вонредната состојба од месец март 2020 година го забрза максимално, преминот од класична настава со физичко присуство кон различни модели на “Онлајн” учење. Иако “Онлајн” учењето изгледа едноставен чекор во процесот на дигитализација на материјалите, внесувањето на дигитални вештини и активности во класичната настава (со физичко присуство), во суштина комплексен и сериозен проект кој треба да инкорпорира внимателно и избалансирано повеќе функционалности.  Процесот стартуваше импровизирано со користење на најразлични платформи за комуниција и следење на наставата, без прецизни протоколи и за наставата, за содржините, за начинот на реализација, оценувањето...

Едноставно префлањето кон “Онлајн”  наставата беше децентрализирано, по избор на училиштата, општините и на принципот „секој да се снајде како умее и може“.

Веднаш се увидоа и „тесните грла“ и проблемите кои се појавија: немање доволно стабилен и брз интернет во домаќинствата во ситуација кога сите функционираат од дома, немање на соодветен хардвер (персонални компјутери, лаптоп, таблет, паметни телефони...) кои ќе го поддржат работењето на далечина, немање дигитализирани содржини, немање координација и централизиран пристап од МОН за начинот на реализација...

Членките на ИКТ здружението при Стопанската комора излегоа општествено одговорни: телекомуникациските оператори дадоа поголеми месечни количини на интернет на корисниците, ги оддржаа мрежите стабилни во случај кога капацитетите се дуплираа и триплираа, ги поднесоа трошоците за пристап кон глобалниот интернет (платформите немаа национално присуство и затоа требаше закуп на се поголеми капацитети кон надвор), Македонски телеком донираше над 23.000 ваучери за Интернет за учениците од социјално раниливите категории до крај на полугодието...

Со цел обезбедување на целосно функционален систем на Онлајн образование неопходно е:

  • Да се подобри интеграцијата на единствената платформа со Мајкрософт тимс и со останатите модули кои се дел од образовниот процес како Е-Дневник и други, а кои ги имаат податоците на учениците, наставниците, наставните програми и останати бази на податоци.
  • Connectivity– да се обезбеди пристап до интернет согласно потребите на наставата во училиштата и домаќинствата. Досегашниот пристап е асиметричен (повеќе брзина за download споредено со upload согласно договорот на МОН со интернет провајдерот), а потребно да се обезбеди симетричен (поради едновременото емитување од сите наставници), што бараше и бара подобрување на брзините за пристап до училиштата. Следното „тесно грло“  е детектирано во внатрешната инсталација WiFi или LAN мрежа, која не секаде е димензиoнирана и оддржувана соодветно за новите потреби.
  • Неопходно е обезбедувањето на соодветна опрема за следење на наставата (хардвер). Имајки во предвид дека на светските пазари се јавува недостиг на ИКТ опрема со појавувањето на пандемијата, домашните компании немаат моќ да обезбедат доволно и „евтини“ компјутери (статични или преносни), проблем има и со набавки на камери, микрофони и друга периферна опрема. Многу социјално ранливи групи немаат соодветна опрема за следење на “Онлајн”  наставата, а и голем дел од постојната опрема ги нема перформансите согласно барањата на “Онлајн”  наставата.
  • Дигитализирани наставни содржини (учебници) има, меѓутоа останува предизвикот да се зголеми обемот и бројт на дополнителни дигитални содржини и во иднина фокусот треба да биде на нив, како и на достапноста (каде ќе бидат сместени - Cloud), ракувањето со истите, како ќе се обезбедат содржини за проверка на знаењето и слично.
  • Cyber security & Personal data protection - безбедност на корисниците при реализација на наставата е еден од најголемите предизивици кој сеуште не се покажал сериозно во пракса, меѓутоа МОН сериозно мора да се посвети на безбедноста на системот, заштита на личните податоци на корисниците (преку 260.000), оддржливоста на системот во случај на напади, back-up и disaster recovery и сите пропратни функционалности на системот.
  • Одржување на системот и ИКТ поддршка на корисниците.

Последно, но секако не помалку важно е делот на одржување на системот т.е. поддршката на „прво“ и „второ“ ниво, која МОН мора да ја редефинира.

Сите овие аспекти кои членките на ИКТ здружението ги дисутираа ќе бидат дел од Позицискиот документ кој е во подготовка, а кој на надлежните институции треба да им помогне заедно да изградиме долгорочен и оддржлив систем на “Онлајн”  учење. Само со отворен приватно-јавен дијалог, може да се постигне дизајнирање и реализација на стабилен систем на “Онлајн”  учење, нешто што и поразвиените држави го граделе неколку години ...

none