ПРЕДЛОГ МЕРКИ ЗА ПОУСПЕШНА ТУРИСТИЧКАТА СЕЗОНА ВО 2021 ГОДИНА
➢ Актуелно (16.11.2020)
👁 Прочитано: 1098



ПРЕДЛОГ МЕРКИ ЗА ПОУСПЕШНА ТУРИСТИЧКАТА СЕЗОНА ВО 2021 ГОДИНА

Туристичко угостителскиот сектор и покрај големиот удар што го има од актуелната Корона криза предизвикана од COVID-19 вирусот има можност да продолжи да функционира и во вакви отежнати услови, а бизнис секторот, следејќи ги светските искуства има капацитет да креира и развива туристички производи со цел да ја одржи земјата како туристичка дестинација и да придонесе за каков таков девизен прилив во државата каса. При тоа следејќи ги и почитувајќи ги мерките на државата за заштита на здравјето на луѓето. Во таа насока, неколку сегменти се клучни, а за истите бизнис секторот има доставено во неколку наврати иницијативи и дописи до надлежните институции:

  1. Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година да нема ограничувања за компаниите од угостителско туристичкиот сектор;
  2. Итна промена на моделот на субвенционирање на странски гости кој ќе биде ист за сите видови на превоз и за туристи од различни земји, без ограничување;
  3. Бесплатни ПЦР тестови за странски туристи со престој во категоризирани хотели на територија на РС Македонија, кои имаат обврска на враќање во својата земја да покажат валиден Ковид тест. Истовремено итно да бидат подготвени протоколи за дејствување во случај на позитивен резултат кај гостинот по направениот тест, во соработка со хотелите;
  4. Поддршка во организација на промоција на државата како туристичка дестинација веднаш, сега со цел да се овозможи во 2021 година да имаме странски туристи во државата, со напомена за почитување на сите мерки за заштита од Корона вирусот, во насока на заштита на здравјето на граѓаните;

Во овој момент е неопходно државата да инвестира во туризмот заедно со секторот, со фирмите, со агенциите и хотелиерите, процесот да почне што поскоро зашто само така можеме да очекуваме резултати во 2021 година. Туризмот може да ги повлече и останатите гранки - земјоделство и други, а така ќе се придвижи и стопанството. Мора да инвестираме во земјите од кои традиционално имаме туристи зашто нив најлесно ќе ги убедиме да ги возобноват програмите, а и државата да им го отвори патот, да ги скрати административните бариери и да го надогради моделот за помош, истакна Асим Меџедовиќ заменик претседатели на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.

Ковид-19 преставува еден нов вид визен режим во моментов и секоја организирана држава е должна и обврзана да им обезбеди јасни и недвосмислени информации на сите лица кои ја посетуваат и престојуваат во нејзините граници. Иако нашата држава има најлиберални услови за влез на странски државјани во услови на пандемија, во овој момент, освен контакт телефонски броеви на МНР, не постојат јавно достапни информации за тоа кој, и од каде може да влезе во нашата држава и кои актуелни мерки се пропишани од надележните институции во момент на неговиот престој, вели Александар Кузманоски заменик претседатели на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.

Оттука приоритет е итно изготвување и објава на стандардизирани информации, со редовна обнова (update) на јасни и недвосмислени правила за влез и излез, како и пропишани мерки во време на пандемија кои ќе се однесуваат на сите оние кои доаѓаат и престојуваат во границите на нашата држава. Истите треба да бидат објавени веднаш на неколку светски јазици, на официјалните страни на Министерство за Надворешни работи на Република Северна Македонија како и преку мрежата на економска дипломатија и веб страните на македонските амбасади низ светот, Министерство за Внатрешни работи и сите релевантни државни институции, вели Кузманоски.

Следно нешто кое го бараме за во моментот на стабилизирање на овој бран, да настапиме спремни со една проактивна мерка со која би се обезбедиле бесплатни тестови за COVID-19, за сите странски државјани, на кои ќе им бидат потребни за продолжување на своето патување а престојувале во нашите хотели. Истовремено потребно е итно да бидат подготвени протоколи за дејствување во случај на позитивен резултат кај гостинот по направениот тест, во соработка со хотелите.

Во отсуство и неможност за користење на вообичаени маркетинг активности бесплатните тестови треба да послужат како промоција, поттик и олеснување на бизнис или туристичка посета во нашата држава а воедно ќе помогнат во поголема контрола и увид во ширење на вирусот, со што приоритет останува заштита на јавното здравје.

И на оваа прес-конференција укажуваме дека хотелиерите имаат проблем со примена на мерката за поддршката за платите и во таа насока и официјално побаравме законски измени. Голем број хотели во државата ќе бидат принудени времено да ги затворат своите објекти, а вработените да ги пријават како невработени ако не се направат измени во Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од Корона кризата во делот на платите за октомври, ноември и декември 2020 година. За таа цел, преку Здружението на угостителството и туризам при Стопанската комора на Македонија, бараме измена на Законот со бришење на алинеја 2 и алинеја 3 од член 3, став 3, од Законот.

Поради Корона ситуацијата, голем број работници од секторот угостителство и туризам доброволно заминуваат од работа и бараат вработување во друг сектор, а во дел од хотелите бројот на вработени е намален поради сезонскиот карактер. Дополнителен проблем се ограничувањата за исплата по основ на награда за деловна успешност, друг вид на годишна награда на вработените или дивиденда што е резултат на успешна работа од претходен период и е значајно да биде реализирано како обврска кон вработените со цел задржување на работните позиции во услови на голема мобилност на вработените во овој сектор. Доколку овие два услова не бидат изземени, укажуваме дека голем број хотели во државата ќе бидат принудени времено да ги затворат своите објекти, а вработените да ги пријават како невработени во Агенцијата за вработување. Оттука, мерките во четвртиот пакет мерки, само делумно ќе ги ублажи негативните ефекти и последици од КОВИД-кризата, потенцира Ана Таневска Ѓорѓиевска, претседател на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.

Во пресрет на зимската туристичка сезона, апел од бизнис секторот до надлежните државни институции е навреме да бидат подготвени и видливи сите пропратни услови и протоколи со цел да се реализираат најавените доаѓања туристи (домашни и странски), со цел опстојување на секторот во вакви специфични и тешки економско здравствени услови.

Да се овозможат услови за туризмот да ја раздвижи целата економија, да го раздвижи градежништвото, земјоделието, трговијата и да се искористи потенцијалот на туризмот за интензивен раст на економијата со што би се надоместиле празнините во буџетските приходи кои се резултат на падот на производството кај други индустрии.

Спремни сме да предложиме план за економски раст преку туризмот без дополнителни расходи во периодот кој следува преку политики кои ќе ги надоместат празнините во буџетот од падот на другите индустрии.

Факт е дека овој сектор согласно официјалните податоци има мал удел во Бруто домашниот производ, нешто под 5% во целост, но исто така факт е дека туризмот и угостителството врзуваат над 15 стопански гранки со своето работење и имаат голема додадена вредност. Тоа во услови на ваква светска здравствено економска криза, на бизнис секторот му дава за право да констатира дека, дејноста која во светски рамки има 10% учество во глобалниот БДП, секој 10-ти вработен е во оваа стопанска гранка, може да преставува ЕКОНОМСКАТА НАДЕЖ ЗА ПОСТКОВИД-РАЗВОЈ НА ДРЖАВАТА.

Даниела Михајловска Василевска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија