Извршниот директор на Тиго Фајнанс и потпретседател на Групацијата на финансиски друштва Филип Димитровски, говорник на глобалната конференција “Istanbul Fintech Week”
➢ Актуелно (11.11.2020)
👁 Прочитано: 4125




Извршниот директор на Тиго Фајнанс и потпретседател на Групацијата на финансиски друштва Филип Димитровски, говорник на глобалната конференција “Istanbul Fintech Week”

Оваа недела, од 9 до 13 ноември, се одржува второто годишно издание на глобалната конференција “Istanbul Fintech Week”. Настанот годинава се одржува целосно онлајн, а стотина експерти, претприемачи, професионалци и претставници од меѓународните финансиски организации од поширокиот ЕМЕА регион се сретнуваат да дискутираат и разменуваат искуства за важните теми од индустријата и технолошкиот напредок во областа на финансиската иновација. Второто издание на овој глобален настан, во своите 5 конференциски дена ќе ги покрие сите области на финансиската иновација, а главните теми за дискусија се плаќања, блокчејн технологии, дигитално банкарство, „Insurtech“ и вештачка интелигенција во финансиите.

На денешниот, трет конференциски ден, учество зеде извршниот директор на Тиго Фајнанс, Филип Димитровски, кој заедно со Корej Бахар од компанијата Фигопара, под модераторство на Даниел Бузас од Европската банкарска федерација, на сесијата „Кредитирање од Финтек“, дискутираа за клучните трендови на пазарот , предизвиците и можностите при кредитирање на физички лица и мали и средни компании, диференцирање на услугите понудени од страна на традиционалните финансиски институции и небанкарските финансиски друштва кои користат Финтек, како и поставеноста на регулаторната рамка во локалните економии. Неизоставен дел од дискусијата беше и влијанието на пандемијата со Ковид-19 врз Финтек компаниите.

Во неговото обраќање, Филип Димитровски направи осврт на моменталната состојба, истакнувајќи дека потребата од услугите кои ги нудат небанкарските финансиски друштва кои користат Финтек е евидентна за што сведочи и нивниот континуиран раст во пазарниот удел и вкупното кредитно портфолио. Дополнително, тој се осврна и на важната улога која ја имаат небанкарските финансиски друштва во заздравувањето на економијата, бидејќи овозможуваат подобрување на куповната моќ на населението и обезбедуваат финансиска инклузија и пристап до финансии преку одговорно кредитирање.

На крајот, тој посочи дека за континуиран развој на Финтек индустријата, потребно е еквивалентен развој на регулаторната рамка и отворање на можностите согласно потребите на Финтек индустријата, како што се пристап до податоци, вклучување на небанкарските финансиски друштва во платните системи, полесен пристап до локални извори на финансирање, со крајна цел - да се обезбеди соодветен развој на Финтек индустријата во интерес на граѓаните и економијата во целост.

Во поширок контекст, присуството на претставник од нашата земја на ваков престижен настан ги истакнува заложбите на бизнис заедницата за континуиран напредок и развој на Финтек индустријата во нашата земја, претставувајќи ги можностите кои ги нудат небанкарските финансиски друштва кои користат Финтек, како извор на алтернативно финансирање и финансиска инклузија на граѓаните и компаниите.

Тиго Фајнанс е членка на Стопанската комора на Македонија, а извршниот директор Филип Димитровски е потпретседател на Здружението на финансиски организации и на Групацијата на финансиски друштва при Комората.

Влатко Стојановски
Соработник во организационата единица за развој, иновации и знаења