Друштвото за производство на електрична енергија „ЕМК мали хидроелектрани“ ДООЕЛ Скопје е компанија чија основна дејност е производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија. „ЕМК“ ДООЕЛ во своето портфолио има 6 мали хидроелектрани, кои се реализирани како инвестиции green-field, почнувајќи од фаза на добивање концесија до пуштање во погон и оперирање. Дополнително, уште 6 проекти за мали хидроелектрани се доведени до фаза на одобрение за градење, по што се пренесени кај други правни субјекти. Друштвото е во целосна сопственост на компанијата Energy Eastern Europe Hydro Power GmbH, со седиште во Виена, Р. Австрија. Покрај „ЕМК“ ДООЕЛ Скопје, како фирми ќерки на Energy Eastern Europe Hydro Power GmbH се јавуваат и EBH Male hidroelektrane Sarajevo и ERS Male hidroelektrane Foča, двете од Босна и Херцеговина.
Стопанската комора на Македонија, како партнер во проектот за изготвување смарт-специјализација, реализира работна средба во компанијата „ЕМК“ ДООЕЛ, каде што се разговараше за предизвиците со кои се соочува фирмата како резултат на кризата од КОВИД 19, за тековните проблеми во дејноста, но и за потенцијалите за натамошен развој и за остварување поголема конкурентност на производите на пазарот.
Директорот на „ЕМК“ ДООЕЛ, Самоил Целески, ни изјави дека развојот на обновливите извори на енергија во делот на малите хидроелектрани е ограничен со расположливиот хидролошки капацитет на земјата. За правилен развој на обновливите извори на енергија, треба да се избере сценарио од Стратегијата за енергетика за да може успешно и навремено да се планира развојот на обновливите извори на енергија во наредниот период.