Континуирани инвестиции за подобрување на производството во „Кожувчанка“
➢ Актуелно (20.10.2020)
👁 Прочитано: 3519



Континуирани инвестиции за подобрување на производството во „Кожувчанка“

Претставници на  Стопанската комора на Македонија реализираа работна посета во Фабриката за производство на вода, пиво и сокови „Кожувчанка“ од Кавадарци со генералниот директор, Јанинка Чупаркоска. Посетата се реализираше во рамки на Проектот „Подготовка на стратегија за паметна специјализација“ каде во моментот се одвива консултативен процес со приватниот сектор и институциите за дефинирање на приоритетните сектори кои имаат конкурентни предности и потенцијал за развој, а прехранбената индустрија е една од клучните индустрии кои ќе бидат анализирани во рамките на Квалитативната анализа која ја подготвува  Стопанската комора на Македонија во соработка со Европската комисија и министерствата за образование и наука и за економија на Република Северна Македонија.

„Кожувчанка“ е компанија за производство на вода, алкохолни и безалкохолни пијалаци. Компанијата има под концесија извор на планинска минерална вода со висок квалитет, но истовремено произведува газирани и негазирани безалкохолни пијалаци под германскиот бренд „Синалко“ („Sinalco“). Од неодамна компанијата почна со производство на пиво.

Компанијата „Кожувчанка“ континуирано вложува во нови технологии и во подобрување на производствениот процес со цел подобрување на квалитетот на самите производи. За да се запазат стандардите и квалитетот на финалниот производ, неодамна компанијата го дополни својот асортиман на минерална вода во шише, со пакување во стаклена амбалажа и палетата на „Синалко“ сокови веќе се пласира на пазарот во нова амбалажа на лименки кои го гарантираат и запазуваат квалитетот на производот. Истовремено, новата опрема придонесува за заштита на животната средина, ја намалува бучавоста и е енергетски ефикасна.

Компанијата соработува со повеќе компании од различни сектори. Клучниот сектор е трговијата на големо и мало преку кои се врши дистрибуцијата на производите до крајните потрошувачи. Исто така, компанијата во рамките на Проектот за инсталирање на мини пиварници во поголеми објекти и ресторани имаше соработка со компанијата „Тинг Инокс“ од Кочани, која ги дизајнираше и ги постави системите за мини пиварниците. Сорботка постои и со добавувачи на суровини кои компанијата ги користи во производството и пакувањето на своите производи, иако е направена и нова инвестиција во опрема за изработка на етикетите.

Соработката со академската фела е на исклучително ниво. Компанијата има воспоставено Меморандум за соработка со државниот Универзитет „Гоце Делчев“ од Штип, со кој интензивно работи на повеќе проекти во делот на испитување на квалитетот на водата од планинскиот извоз, сертифицирање и сл.

Компанијата во континуитет инвестира во нова технологија и модернизација на постоечката производна линија во делот на зголемување на капацитетот, поголема енергетска ефикасност и брзина во пакувањето, проширување на асортиманот на производи. Она што е ограничување за развојот на компанијата е неможноста за користење на инструментите за поддршка на инвестициите кои ги обезбедува државата поради фактот што компанијата  поседува концесија за минерална вода.

Извозните можности се прилично ограничени и покрај тоа што компанијата постојано прави обиди за пенетрација кон пазарите во регионот. Потребна е поголема поддршка од државата и поголема искористеност на ЕУ-фондовите за зголемување на конкурентноста на компаниите преку обезбедување грантови за инвестиции во нова технологија.

Кризата со пандемијата имаше сериозен удар врз работењето на компанијата. Имено, затворањето и ограниченото работење на угостителските и туристичките капацитети ја намали побарувачката за нашите производи. Тој пад на приходите во изминатите 6 месеци е повеќе од 40% што сериозни влијаеше врз финансиското работење на компанијата и во одреден сегмент ги одложи понатамошните инвестициски и развојни планови на компанијата.

Јадранка Аризанковска
виш советник во Стопанска комора на Македонија