ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ГРАДЕЖНИШТВОТО И РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА
➢ Актуелно (06.10.2020)
👁 Прочитано: 6956


Разгледан предлогот на РКЕ во одобренијата за градба задолжително да се наведува на што ќе се грее секој нов објект
ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ГРАДЕЖНИШТВОТО И РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА

Претседателот на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија, Андреа Серафимовски и претставници на Здружението, одржаа работна средба со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимовски и негови соработници. 

Предмет на дискусија на средбата беше предлогот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) во законските прописи од областа на градењето да се предвиди обврска објектите кои се градат да се приклучуваат на организиран систем на топлинска енергија таму каде што има таков систем. Присутните подетално се осврнаа и на прашањата при издавање на одобренијата за градење да се наведува точно на што ќе се грее секој нов објект, како и на изнаоѓање посеопфатни решенија поврзани со затоплувањето на објектите преку мапирање на градот. 

- Здружението има за цел континуирано да делува во насока на унапредување на деловниот амбиент и условите за работа на градежните компании, но и општествена одговорност да работи на подобрување на состојбите и подигнување на квалитетот на градбите. Оттаму, како Здружение сме подготвени да бидеме активни чинители и да придонесеме за креирање на законски решенија кои ќе помогнат за отимизирање на потрошувачката на енергија и остварување поголема енергетска ефикасност, како и поголем квалитет за крајните потрошувачи, - истакна Андреа Серафимовски.

Градежниот сектор е еден од економските сектори каде што потенцијалот за енергетски заштеди е најголем, а од страна на Здружението беше посочено дека градежните компании се подготвени да придонесат за решавање на проблемите поврзани со затоплувањето на објектите и за изнаоѓање на оптимално решение кое ќе биде од интерес и за инвеститорите и за граѓаните. 

- Регулаторната комисија предлага во прописите од областа на градењето да биде уредена обврската новоизградените објекти да се приклучуваат на организираниот систем за топлинска енергија доколку тоа е предвидено со мапирањето. Со цел да се поттикне што поголем број на новоизградени објекти да се приклучат на системот за дистрибуција на топлинска енергија, во изминатиот период РКЕ донесе одлука со која го намали надоместокот за приклучување за 37%, - посочи Марко Бислимовски.

Присутните заклучија во следниот период Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги заеднички да делуваат при креирање на предлог-решенијата и условите поврзани со затоплувањето на објектите кои ќе бидат презентирани и пред Министерството за транспорт и врски и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).

 

м-р Нена Николовска
соработник во Стопанска комора на Македонија