„Светскиот ден на Вранецот” ќе се одржи на 5 октомври
➢ Актуелно (02.10.2020)
👁 Прочитано: 4630



„Светскиот ден на Вранецот” ќе се одржи на 5 октомври

Второто издание на „Светски ден на Вранец" ќе се одржи онлајн на 5 октомври и ќе биде достапно за сите. Настанот е во организација на здружението „Вина од Македонија", во соработка со производителите на оваа сорта од Македонија и од регионот.

Поради состојбата со ковид-19, а со оглед на важноста на настанот за македонската и регионалната индустрија за вино, овогодинешното издание ќе се одржи онлајн во форма на вебинар, кој ќе биде достапен за сите.

Целта на овој настан е да се потенцира важноста на локалните сорти, да се поддржат напорите на локалните винарии за зачувување на винскиот идентитет на Македонија и да се зајакне свеста на потрошувачите ширум светот за вината кои доаѓаат од Македонија. Светскиот ден на Вранец, исто така придонесува за зголемување на препознатливоста на Македонија како винска земја на меѓународно ниво.

Целта останува иста, да ги позиционираме сортата Вранец и Светскиот ден на Вранецот рамо до рамо со најдобрите. Во последната деценија, трендот на славење на одредена сорта возврати со повеќе придобивки, а најзабележително е подобреното позиционирање и зголемената продажба на „прославените“ вина на меѓународни пазари. „Дефиниравме содржина што ќе придонесе за главната цел на овој настан. Многу познавачи на вино ќе го споделат своето искуство и знаење за оваа сорта, преку онлајн стриминг во живо и онлајн мастер предавања, панел дискусии и многу промотивни активности во регионот и ширум светот. Оваа година настанот ќе се одржи на 5 октомври 2020 година, преку онлајн стриминг во живо, со интернационални експерти за вино од Велика Британија, САД, Германија, Холандија, Словенија“, велат организаторите.

Од страна на организаторите најавено е дека „Светскиот ден на вранецот“ ќе го отвори Светозар Јаневски, претседател на Здружението „Вина од Македонија“, а ќе присуствуваат и Сибил Сутер Теада, амбасадор на Швајцарија во РС Македонија, Арјанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и Крешник Бектеши, министер за економија.

Служба за информирање при Комората