ЗАЕДНИЧКА СРЕДБА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА И МИНИСТЕРКАТА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА
➢ Актуелно (23.09.2020)
👁 Прочитано: 1332



ЗАЕДНИЧКА СРЕДБА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА И МИНИСТЕРКАТА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА

Дуалниот систем на образование и регионалните центри за стручно образование и обука беа тема на денешната средба со министерката за образование и наука, Мила Царовска, организирана на покана на Стопанската комора на Македонија, со претставници од Стопанската комора на Македонија и компании, членки на Комората. На средбата се дискутираше за врвните приоритети на Стопанската комора на Македонија во насока на создавање поефикасен систем на стручно образование и обука и развој на кадар, пазарно орјентиран со соодветни квалификации потребни на стопанството.

Стопанската комора на Македонија е фокусирана на реформите во стручното образование и создавање адекватен стручен кадар за потребите на стопанството, имајќи предвид дека 80% од невработените се долгорочно невработени како резултат на несоодветните квалификации кои ги поседуваат, истакна в.д. Извршниот директор на Комората, Билјана Пеева-Ѓуриќ.  Во таа насока мора заеднички да се работи со министерството за образование и наука и училиштата за да се постигне квалитет во стручното образование и обука.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, истакна дека дуалното образование е ефикасен потег за обезбедување стручен кадар, но образовниот процес мора да трае подолго за стекнување на бараните вештини и компетенции. На учениците пред сѐ треба да им се подигне свеста зошто мора да работаат, а потоа да се образуваат како да работаат. Во таа насока реформите за процесот на дуално образование, треба да се постават на здрави основи.

Секој во процесот треба да ја знае својата улога, а Комората има капацитет да придонесе во имплементацијата на дуалниот систем на образование. Иако е процесот е макотрпен, да бидеме фокусирани на имплементацијата, а резултатите ќе дојдат сами по себе, истакна Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески. Според него, професионалците треба да се занимаваат со оваа  проблематика, а иднината на Комората ја гледа како мост помеѓу бизнис заедницата и училиштата каде ќе се креираат наставните програми според барањата на стопанството.

Уписната политика според потребите на стопанството, кариерното советување на учениците во основното образование за упис во средните училишта според можностите и амбициите на учениците, рационализација на стручните училишта, како и измената на законската регулатива во областа на стручното образование и обука, беа посочени од страна на Стопанската комора на Македонија, како предизвици на кои треба да се работи за имплементација на дуалното образование.

Тргнувајќи од потребата каде и како треба да се обезбедуваат стручни кадри, Комората смета дека регионалните центри за стручно образование и обука треба да бидат лоцирани каде има реална потреба и најмногу деловни субјекти. Според Комората сегашната територијална поставеност на центрите во Полошкиот, Југозападниот и Североисточниот регион, не ги отсликува реалните потреби за обезбедување стручни кадри за стопанството, имајќи предвид дека најголем број на деловни субјекти, и тоа 57%, има во Скопскиот, Вардарскиот и Пелагонискиот регион.

На состанокот беа поканети компании во кои е имплементирано дуалното образование и во продолжение на состанокот ги изнесоа предизвиците со кои се соочувале при имплементацијата, што ги потврдија фактите кои ги посочи  Стопанската комора на Македонија.

Претставникот од  ДММ ДРЕКСЛМАЈЕР Македонија, Александар Ќуркчиев, истакна дека процесот со дуалното образование е веќе трасиран и треба да се формализира со законско решение. Според него, дуалното образование бара големи ресурси од компаниите и тие треба активно да се вклучени на секое ниво во процесот, затоа предлага  донесување нов Закон за дуално образование.

Здравствените прегледи на учениците се покажаа како сериозен проблем, истакна Силвија Космач, од компанијата ЕВН Македонија, бидејќи се потребни дополнителни специјалистички прегледи кои не се вршат со училишната медицина. Исто така, потенцираше таа, здраствените прегледи треба да се прават пред уписот во стручните училишта.

Никола Ефтимов, претставник на компанијата Алкалоид АД, Скопје, наведе дека наставниците немаат соодветни компетенции за да ги подготвуваат учениците за практична обука во компаниите и затоа нивната компанија предвидува дополнителни обуки за компетенциите на наставниците и завршените ученици.

Уписната политика е најважна, потенцираше Владимир Анчев од компанијата Брако, ДОО, бидејќи постои нерамнотежа помеѓу потребите на локално ниво и квалификациите што ги нудат училиштата. Кариерното советување кое треба да почне уште во основното училиште е значајно за нив, а промоцијата за стручното образование треба за започне уште во декември, пред да одлучат учениците кои завршуваат основно образование во кое стручно училиште  ќе се запишат следна учебна година.

Сепак на состанокот се потенцираше дека државата треба да има долгорочна стратегија за економски развој на државата и образованието да се прилагоди според предвидените планови во стратегијата.

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија