КОРИСТЕТЕ ГИ УСЛУГИТЕ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА – СЕРТИФИКАТ Excellent SME MACEDONIA
➢ Актуелно (27.08.2020)
👁 Прочитано: 1238



КОРИСТЕТЕ ГИ УСЛУГИТЕ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА – СЕРТИФИКАТ Excellent SME MACEDONIA

Печатот на веб-порталот Excellent SME MACEDONIA е сертификат за деловно работење. Стопанската комора на Македонија го издава сертификатот во соработка со познатата агенција за кредитен рејтинг „COFACE“ од Хрватска, за најуспешните мали и средни компании во Македонија.

Главната цел на сертификатот, која се совпаѓа со ЕУ-директивите е да се промовираат малите и средни компании, да се обезбедат и да се осигурат бизнисот, добрите бизнис-пракси и да се зголеми пазарната транспарентност. Исто така, тоа ќе им помогне на клиентите и на бизнис-партнерите да ги намалат финансиските и другите ризици кога склучуваат деловни договори. Сертификатот ќе им овозможи на локалните и на меѓународните бизнис-партнери да го верификуваат постоењето на компанијата, точната веб-адреса, како и најважното - нејзиниот бонитет.

Основата за сертификацијата е кредитниот извештај и континуираниот мониторинг на „COFACE“ - Хрватска. Истовремено, SafeSigned ™ веб-сајт технологијата спречува печатот за квалитет Excellent SME МACEDONIA да биде копиран и користен на кој и да било друг веб-сајт. Со инсталирање и користење на потенцијалот на сертификатот и постојните партнери можат да прават разлика меѓу успешни и помалку успешни компании.

Како се издава сертификатот Excellent SME?

Сертификатот за Excellent SME MACEDONIA се издава доколку компанијата ги задоволува бараните критериуми.

Првото барање е годишен промет од најмалку 25.000 евра, а треба да се задоволат  и други локални критериуми за класификација на мали и средни компании. Исто така, компанијата треба да добие оценка за кредитниот рејтинг од „Coface“ - Хрватска од најмалку „Б“ за да се квалификува за Excellent SME сертификат. Оценката за кредитниот рејтинг на компанијата резултира од деловната финансиска анализа, која го зема предвид  и плаќањето на моралната евалуација и идниот бизнис-ризик со проценка на можност од презадолженост во периодот на следните 12 месеци.

Валидноста на сертификатот е 1 година и зависи од континуираниот мониторинг на финансиските податоци добиени од „Coface“ - Хрватска. Сертификатот се повлекува доколку оценката на кредитниот рејтинг падне под „Б“. Постојаниот мониторинг обезбедува кредибилитет во домашната и странската деловна средина.

Бенефиции што се добиваат со сертификатот Excellent SME

Бенефициите може да се поделат на две групи:
- бенефиции за клиентите, партнерите и другите посетители на веб-сајтот и
- бенефиции за сопственикот на сертификатот.

Каква технологија се користи во сертификатот Excellent SME?

Веб-сертификатите Excellent SME се базираат на веб-технологијата наречена SafeSigned. Технологијата се базира на забрана на копирање од страна на друг неавторизиран веб-сајт на ознаките од SafeSigned (во овој случај веб-сајт печати и сертификати). Исто така, оваа технологија овозможува проактивна заштита против напади на веб-сајтот - крадење на идентитет и имитирање.

Контакт-лице од Стопанската комора на Македонија за издавање сертификат Еxcellent SME:

Валентина Цветковска, самостоен советник
   е-адреса: valentina@mchamber.mk,  телефон: +389 (02) 3 244 063

 

 

Служба за информирање при Комората