Состојба на пазарот за недвижности во РС Македонија во услови на корона криза
➢ Актуелно (30.07.2020)
👁 Прочитано: 713



Состојба на пазарот за недвижности во РС Македонија во услови на корона криза

Од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности на РСМ може да се види драстичното намалување на обемот на тргување на пазарот на недвижности во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година. Во второто тримесечје од 2020 година, кога се разгоре кризата предизвикана од корона вирусот, евидентирани се вкупно 4.073 трансакции, што е помалку за 3.085 трансакции во однос на првите три месеци од годинава.

Во овој период, во Регистарот на цени и закупнини се впишани вкупно 3.197 продажби на недвижности, што претставува пад за 1.738 продажби во однос на првиот квартал од 2020 година. Што се однесува до закупите, регистрирани се 876 закупи на целата територија на цела држава, што претставува намалување во споредба со закупите од претходниот квартал за 1.347 трансакции.

Во периодот април-јуни 2020 година, во земјава се продадени 681 новоизградени станови што е за 38 станови помалку од првиот квартал во 2020 година.

Согласно со статистиката на Агенцијата за катастар на недвижности заклучно со јуни 2020 година, на целата територија на државата има 6.436 станови кои се изградени, а сè уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности. За разлика од минатиот квартал, во овој квартал има зголемување на непродадените домови за дополнителни 4 станови.

Исто така, во Агенцијата за катастар на недвижности се издадени 12.902 листови за предбележување на градба што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности. Може да се констатира дека бројот на новоградби моментално ја задоволува побарувачката на нови станови“, се констатира во извештајот.

Агенцијата за катастар на недвижности го воспостави Регистарот на цени и закупнини на 18 март 2015 година, така што во секојдневната работа на Агенцијата за катастар на недвижности, дел од квартално пристигнатите предмети кои се со одреден архивски знак содржат обрасци за регистар на цени и закупнини. Сработените предмети кои ги содржат тие обрасци се преставени како трансакции во извештајот од секторот за масовна процена на недвижностите. Со ова се овозможува пристап до сите информации поврзани со трансакциите на недвижниот имот.

Повеќе информации може да се најдат во Извештајот од регистарот на цени и закупнини за периодот 01.04.2020-30.06.2020 година (Извештај Катастар.pdf) од Агенцијата за Катастар на недвижности на РСМ.

 

Служба за информирање при Комората