Запознајте ги членовите на нашиот Управен одбор – ИРЕНА ЈАКИМОВСКА, „КОМФИ АНГЕЛ‟ ДОО - ПРИЛЕП
➢ Актуелно (29.07.2020)
👁 Прочитано: 1582



Запознајте ги членовите на нашиот Управен одбор – ИРЕНА ЈАКИМОВСКА, „КОМФИ АНГЕЛ‟ ДОО - ПРИЛЕП

„Комфи Ангел‟ ДОО - Прилеп е македонско-британска компанија основана во август 2004 година во Прилеп. Специјализирана за производство на перници, јоргани, прекривки, заштитници за душеци, вреќи за спиење, постелнина во различни дезени и од различни материјали, компанијата има месечен капацитет на производство од околу 500.000 перници, 150.000 јоргани, 150.000 заштитници за душеци, 150.000 прекривки. Работи на површина од 35.000 м2 со околу 760 вработени. Нивниот британски партнер е компанијата „Comfy Quilts LTD“, основана во 1973 година, еден од најголемите светски производители на јоргани, перници, како и монохроматски и печатени постелнини.

Како извозно ориентирана компанија присутна во над 30 земји, „Комфи Ангел‟ ДОО се обидува да оствари одржлив раст на продажбата од година во година. Директно (вклучувајќи ги брендовите Somnia, Somnia+, Sung и Rest_.ne) или индиректно снабдува светски познати синџири: „Carrefour“, „Action“, „Kaufland“, „Rewe“, „Aldi“, „Lidl“, „Netto“, „Metro“. Компанијата работи со основна цел да им обезбеди на клиентите прифатливи цени и навремени испораки преку целата година.

Од месец април 2020 година, „Комфи Ангел‟ ДОО – Прилеп, како одговор на тековните активности започна и со производство на заштитни медицински маски, за која цел беше реализирана инвестиција во две нови машини, кои се со капацитет на производство од по 40 000 маски дневно.

Ирена Јакимовска е управител на „Комфи Ангел‟ ДОО – Прилеп од самото основање на компанијата.

Ирена Јакимовска е потпретседател на Советот на странски инвеститори при Комората, претседател на Регионалната комора со седиште во Прилеп при Стопанската комора на Македонија, член на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија и член на Собранието на Стопанската комора на Македонија, за мандатниот период 2020-2025.

 

Служба за информирање при Комората