ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА ЗА ПРЕДЛОГ-ПРАВИЛНИКОТ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ
👁 Прочитано: 1102



ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА ЗА ПРЕДЛОГ-ПРАВИЛНИКОТ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ

Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија, во соработка со Министерството за транспорт и врски, на 16.6.2020 година одржа „онлајн“-работна средба, со цел да се отвори стручна расправа и компаниите да ги презентираат своите коментари и забелешки по Предлог–правилникот за урбанистичко планирање, пред претставниците на Министерството.

Поради доследно почитување на мерките и препораките за превенција од ширење на вирусот КОВИД-19, на средбата лично беа присутни претставници од Стопанската комора на Македонија, Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за планирање на просторот и Јавното претпријатие за државни патишта, додека компаниите имаа можност да следат и да се вклучат во дискусијата преку видео-конференциска врска.

Претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски, посочи дека ова е продолжение на низата работни средби кои имаат за цел да овозможат транспарентност и вклученост на бизнис-заедницата во процесот на подготовка на прописите од областа на урбанистичкото планирање. Серафимовски истакна дека деловните субјекти се соочуваат со неизвесност околу примената на новиот Закон за урбанистичко планирање, донесен во февруари годинава и дека поради тоа има потреба од подетално запознавање и едукација на компаниите, но и општините во врска со постапките уредени со овој Закон и подзаконските акти за негова примена.

Предмет на дискусија и појаснување на работната средба беа повеќе прашања уредени со Законот и Предлог-правилникот за урбанистичко планирање, меѓу кои видовите на урбанистичка документација во делот на инфраструктурата и постапките за нејзино изготвување и донесување, класификацијата на градби, содржината на документационата основа за изработување на плановите, започнување на примената на новиот систем за е-урбанизам и други. На средбата се заклучи компаниите да ја искористат приликата и сите коментари и предлози во врска со Предлог-правилникот да ги достават до Стручната служба на Комората, најдоцна до 23.6.2020 година, со цел истите да бидат сумирани и проследени до Министерството.

 

м-р Нена Николовска
соработник во Стопанска комора на Македонија