МЕЛНИЧКО-ПЕКАРСКАТА ИНДУСТРИЈА ПРЕД КОЛАПС
👁 Прочитано: 10992



МЕЛНИЧКО-ПЕКАРСКАТА ИНДУСТРИЈА ПРЕД КОЛАПС

Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија и директор на „Агроглобал трејд“ - Скопје


Владата на РСМ, на 19.3.2020 година, донесе Одлука за замрзнување на цените на основните артикли со цени пред 11.3.2020 година („Службен весник на РСМ“, бр. 70, од  20.3.2020 година), како што се лебот, брашното, маслото за јадење, шеќерот итн.
Потоа, на 23.3.2020 година донесе Измена дека доколку истите производи ако се од увоз може да им се зголеми цената („Службен весник на РСМ“, бр. 76 од 24.3.202 година).
Ниту во Одлуката, ниту во Измената се наведени и суровините од коишто се произведуваат овие производи, а да не коментираме дека целата Одлука не е уставна и законска, затоа што не може да има правно дејство наназад.

Едноставно кажано, најважните индустрии во државава што ги произведуваат овие артикли, а особено во време на кризава, треба да работат со загуба, па може да го стопираат производството и да ги отпуштат луѓето од работа, а затоа одредени трговци и увозници може да продаваат и прават екстра добивки, со што индиректно го полнат буџетот на други држави.
Во меѓувреме, инспекциите се активни на терен, во сите продажни објекти и им забранија на сите да ги продаваат производите произведени во Македонија, ретроактивно од 11.3.2020 година, определувајќи огромни казни за одредени компании. По извршениот притисок од страна на мелничарите, министерот за економија, на 3.4.2020 година, одржа состанок со мелничко-пекарската индустрија и пред присутните компании, кои претставуваат 80% од домашните производители на брашно, леб и пекарски производи, вети дека Одлуката ќе биде корегирана со цел да не се блокира мелничко-пекарската индустрија во земјава. До ден денес ветувањето не е исполнето, иако цената на домашното брашно е иста или во најмала рака поевтина во малопродажба од увозното.
Доколку оваа индустрија до жетва ја загуби кондицијата, односно оствари поголеми загуби, тогаш ќе страдаат и 20.000 земјоделци - производители на домашна пченица чие производство ќе остане неоткупено или пак истото ќе биде откупено од  околните држави, а ние ќе останеме без лебно жито.

Како резултат на лошата политика и одлуки за овој сектор од страна на државата, веќе почнаа да се остваруваат предвидените сценарија – „Жито Прилеп“ АД (компанија со странски капитал) ги затвори своите производствени погони.

Со ваквата политика, ќе нема кој да ја купи пченицата во жетва, да ја меле истата и да произведува брашно и леб. За потсетување, со истиот проблем се соочуваат и производителите на масло за јадење и сите засегнати од ваквата одлука.

Апелираме до министерот за економија, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и до Владата, реално да ги согледаат состојбите и уништувањето на домашното производство на пченица и брашно и најитно да ги прифатат нашите барања за измена на Одлуката. Исто така, да се донесе ветената одлука за редовно субвенционирање преку Платежната агенција со 2 денара за откупен килограм домашно произведена пченица на мелничко-преработувачката индустрија, со цел индиректно да се поттикне и да се развие домашното производство на лебно жито.

Упатуваме апел до ресорните министри и до Владата да се однесуваат државнички и да го заштитат домашното производство на брашно, како најважна гранка за директна преработка на домашно произведената пченица која е заштитена и со Закон и од која зависат 20.000 домашни земјоделци.