ПРЕКУ ТРАИНЕЕ ПРОЕКТОТ ДО ПРИЗНАВАЊЕ НА ВЕШТИНИТЕ И КВАЛИФИКАЦИИТЕ ВО ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР
👁 Прочитано: 1885



ПРЕКУ ТРАИНЕЕ ПРОЕКТОТ ДО ПРИЗНАВАЊЕ НА ВЕШТИНИТЕ И КВАЛИФИКАЦИИТЕ ВО ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР

Градежниот сектор алармира дека недостасува стручен и квалитетен кадар, како предуслов за одржливи и конкурентни градежни компании. Градежништвото опфаќа 6,8% од вкупниот број активни деловни субјекти во државата и вработува 56.263 лица или 7,41% од вкупно вработените. Одливот на работна сила, намалениот број на ученици и студенти кои се запишуваат во градежната струка, зголемената старосна возраст на работниците и недостатокот на вештини и компетенции кои му се потребни на реалниот градежен сектор се проблемите кои ги обединуваат и ги загрижуваат компаниите.

Како да се реши проблемот?

ПОРАКАТА НА ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР Е КОМПАНИИТЕ КРАТКОРОЧНО, СТОПАНСКАТА КОМОРА ДОЛГОРОЧНО ДА ГО РЕШАВА ПРОБЛЕМОТ СО НЕДОСТИГ ОД СТРУЧЕН И КВАЛИФИКУВАН КАДАР

 

Кои се активностите на Комората?

Стопанската комора на Македонија во моментот имплементира два сериозни и исклучително важни проекти кои меѓудругото го третираат прашањето за кадрите во градежниот сектор.

Ø „ПАЗАРНО ОРИЕНТИРАНИ ВЕШТИНИ ЗА ОДРЖЛИВО ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНО ГРАДЕЊЕ“ - ТРАИНЕЕ

Ø „ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО С.МАКЕДОНИЈА – Е4Е@MK

Во овој текст ќе се осврнам на придобивките од Проектот ТРАИНЕЕ кој Стопанската комора на Македонија го спроведува во соработка со партнерите Здружението за бизнис и консултанти „Креација“, Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Центарот за образование на возрасни Скопје (ЦОВ), Инженерската институција на Македонија (ИИМ) и BIM Академијата од Шпанија. ТРАИНЕЕ има за цел да овозможи постигнување на мултидисциплинарен пристап кај енергетски ефикасното и одржливо градење, преку примена на алатки и процеси како Информациското моделирање на градби (Building Information Modeling) – БИМ што во моментот е во центарот на дигиталната трансформација на градежниот сектор и да овозможи подобрување на вештините на градежните работници за градење енергетски ефикасни објекти преку обука и преквалификации, во насока на остварување на параметрите на ЕУ „Стратегијата 2020“ за енергетска ефикасност.

 

Што е реализирано?

Во рамки на проектните активности меѓу другото досега се реализирани Пилот обуки за инженери за стекнување вештини за проектирање на сончеви колекторски и фотоволтаични системи и инсталатери на сончеви колекторски и фотоволтаични системи, како и Пилот обуки за Информатичко моделирање на градби – БИМ.

Резултат со слика за trainee site:www.mchamber.mkГолем број практичари, архитекти, инженери следејќи ги обуките имаа можност да стекнат знаења во доменот на проектирање и поставување на сончеви колекторски и фотоволтаични системи, како и во доменот на информациското моделирање на градби како области од особено значење за остварување на заложбите за енергетски ефикасно градење и заштеда на енергија преку искористување на обновливите извори на енергија и имплемнтација на алатки кои овозможуваат поголема следливост на процесот на градење и одбегнување на можностите за грешки. Со тоа ТРАИНЕЕ има за цел директно да придонесе за подигнување на кадровските капацитети за сите нивоа на квалификации, од работници до инженери, истите да ги надградат своите знаења за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, особено од делот на искористување на сончевата енергија, како и примената на информациското моделирање на градби - БИМ. Се очекува, со заокружување на проектот низ овие обуки да поминат околу 500 професионалци, и тоа 150 техничари, 80 градежни инженери, 20 проектанти на фотоволтаични системи и сончеви топлински колектори и 250 работници.

Што е следно?

Во рамките на Проектот како дел од Програмата за енергетска ефикасност, во тек е процесот на идентификување, документирање и препознавање на претходни знаења и вештини што ги имаат работниците, техничарите и инженерите преку нивно сертифицирање, а земајќи ги предвид потребите на инвеститорите, градежните компании и професионалните организации. За таа цел, лица кои имаат претходно искуство во реализација на градежни проекти може да ги сертифицираат претходно стекнатите знаења и вештини преку постапка за препознавање на претходно учење стекнато преку неформално или информално образование.

За спроведување на целиот овој процес на валидирање на неформално и информално учење во Проектот е развиена посебна Методологија и објавен Повик за серифицирање на стекнати знаења и вештини од следните занимања:

  • инсталатер на електрични инсталации со вештини за имплементација на мерки за енергетска ефикасност;
  • инсталатер за греење, ладење и вентилација со вештини за имплементација на мерки за енергетска ефикасност;
  • фасадер со вештини за имплементација на мерки за енергетска ефикасност;
  • покривач на покриви со вештини за имплементација на мерки за енергетска ефикасност;
  • столар со вештини за имплементација на мерки за енергетска ефикасност;
  • инсталатер на сончеви термални колекторски системи;
  • инженер со вештини за проектирање на сончеви термални колекторски системи;
  • инсталатер на фотоволтаични системи и
  • инженер со вештини за проектирање на фотоволтаични системи

Еден кандидат може да се пријави за препознавање на знаење и вештини за едно или повеќе занимања.

Сертификатите со кои ќе се стекнат работниците и инженерите ги издава Сертификационото тело во рамките на „ТРАИННЕ“ – Проектот и истите ќе имаат важност во рамки на самиот Проект, чии резултати се признаени од Европската комисија, поради што сертификатите ќе бидат издадени на македонски и на англиски јазик.

Стопанската комора ги охрабрува сите лица од градежништвото и градежните компании да го спроведат процесот на препознавање на претходно стекнатите вештини пријавувајки се на следниот линк http://trainee-mk.eu/ или документите да ги достават во хартиена форма до Комората. Постапката е едноставна а придобивките се бројни.

Градежниот сектор е специфичен по тоа што голем дел од работниците немаат формално образование или немаат официјални документи за вештините што ги поседуваат. Тоа ги прави компаниите помалку конкурентни на домашниот и меѓународниот пазар, а работната сила недоволно конкурентна на пазарот на трудот.

ТРАИНЕЕ преку процесот на препознавање и валидирање на претходните знаења и вештини, како дел од доживотното учење и континуирана надградба директно придонесува за личен и професионален развој на кандидатите, овозможувајќи им нивните достигнувања официјално да бидат признати, а со тоа се овозможува да се подобрат нивните можности за напредување во кариерата. Имајќи предвид дека овој кадар е вклучен во работните процеси на компаниите, ТРАИНЕЕ индиректно придонесува и за развој и конкурентноста на македонските компании преку зголемување на ефикасноста на работниот процес и приближување кон европските трендови дополнително што и самиот проект е поддржан од Европската Унија, во рамки на програмата „Хоризонт 2020“.

Резултат со слика за trainee site:www.mchamber.mk

 

м-р Нена Николовска

м-р Нена Николовска
соработник во Стопанска комора на Македонија