КОГА СЕ САКА СЕ БАРА НАЧИН, КОГА НЕ СЕ САКА СЕ БАРА ИЗГОВОР
👁 Прочитано: 1355



КОГА СЕ САКА СЕ БАРА НАЧИН, КОГА НЕ СЕ САКА СЕ БАРА ИЗГОВОР

Со недостиг на стручен кадар, некогаш, се соочувале и развиените земји, како Велика Британија, Германија, Австрија и Швајцарија, но креирале стратегија како да го надминат проблемот преку создавање фукционално стручно образование и воведување на дуален систем на образование.

Со цел да се даде реален придонес за реформирање на образовниот систем и во нашата земја Стопанската комора на Македонија во организација на коморите од посочените земји има посетено компании во кои успешно се реализира дуалното образование. Во таа насока во следниот период ќе ги пренесам позитивните искуства на секоја од овие земји.

Како Австрија го решила проблемот со обезбедување квалификуван кадар?

Ќе започнам со една поговорка: ,,Кога се сака се бара начин да се дојде до целта, кога не се сака се бара изговор!”. Тоа е начинот на кој пристапила Австрија во решавање на проблемот, се фокусирала на две решенија и ги вклопила во системот на образование.

Прво , во образовните програми за стручното образование и обука ги внела барањата на економијата. Компаниите јасно ја поставиле целта како да го обезбедат потребниот кадар ги изразиле своите потреби за квалификациите и занимањата неопходни за успешно работење.

КОГА СЕ САКА СЕ БАРА НАЧИН, КОГА НЕ СЕ САКА СЕ БАРА ИЗГОВОРВторо, реализација на практичната обука на реално работно место во компаниите со воведување на дуалниот систем на образование во рамките на стручното образование и во партнерски однос со стручните училишта ја реализираат целта.

Ако ја гледаме Австрија како економска земја, таа е земја која претежно има мали и средни претпријатија. Поголемиот број на компании или 87,1% од компании имаат само 1 до 9 вработени, а половина од работоспособното население е вработено во компании кои имаат помалку од 50 лица.

Но и покрај тоа, невработеноста кај младите е една од најниските во Европа и изнесува 9,9% како резултат на разновидните образовни програми што се нудат во стручно образование и обука кои ги исполнуваат барањата на економијата и реализацијата на практичната обука во компанија во која се вклучени повеќе од една третина од учениците. Околу 85% од завршените ученици се вработуваат веднаш во компанијата или до две години во согласност со нивната квалификација, бидејќи нивните вештини и компетенции се препознаени од работодавачите.

Каков е дуалниот систем на образование во Австрија?

Дуалниот систем на образование подразбира 20% од наставата (теоријата) да се реализира во одредено стручно училиште (посетувањето е задолжително) и 80% да се реализира во компанија.

Времетраењето на образовниот процес зависи од занимањето и трае од две до четири години. Но сепак, во повеќето случаи, опфаќа три години.

КОГА СЕ САКА СЕ БАРА НАЧИН, КОГА НЕ СЕ САКА СЕ БАРА ИЗГОВОРНаставните планови се флексибилни и автономно ги избираат училиштата. Државата им обезбедува национална рамка што им овозможува на училиштата да дефинираат не само посебни фокуси во дадената рамка, туку и да развиваат свои училишни профили, додека компаниите изготвуваат своја програма за обука, согласно наставниот план и специфичноста на компанијата. Во тој процес, компаниите се задолжени да обезбедат обучени ментори за практична обука кои се одговорни за учениците додека се во компанијата и се грижи ученикот да ги стекне професионалните компетенции за да стане квалификуван работник.

Финансиите се поделени:

1. Провинциите каде се наоѓаат стручните училиштата ги обезбедуваат средставата за одржување на училиштето и плата на наставниците, средствата обезбедуваат провинции. Владата обезбедува 50% за платата на наставниот кадар.

2. Учениците плаќаат мал придонес за патните трошоци и трошоците за учебници.

3. Компаниите ги подмируваат трошоците за практичната обука во нивната компанија. Самите обезбедуваат средства за обука за менторите, за опремата за учење, заштитната облека за учениците, но и за надоместокот за работата на учениците.

4. Учениците добиваат надоместок за ученичката работа. Сумата е утврдена за секоја индивидуална професија во договорите за практична обука, а се зголемува со секоја учебна година, сè додека, во последната година, не достигне просечен просек од 80% од платата на соодветно квалификуван работник.

Но за да има успех во целиот процес државата индирекно им помага на компаниите што вклучуваат ученици на практична обука преку намалување на данокот на профит на компанијата.

И до ден денес успешно фунционира.

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија