КОНЦИЗНИ И НЕДВОСМИСЛЕНИ ПОДЗАКОНСКИ АКТИ СЕ ПРЕДУСЛОВ ЗА НЕПРЕЧЕНА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ЗАКОНОТ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ
➢ Актуелно (05.03.2020)
👁 Прочитано: 911



КОНЦИЗНИ И НЕДВОСМИСЛЕНИ ПОДЗАКОНСКИ АКТИ СЕ ПРЕДУСЛОВ ЗА НЕПРЕЧЕНА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ЗАКОНОТ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ

Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија одржа работна средба со претставници на Министерството за транспорт и врски на РСМ и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, на којашто предмет на дискусија беше новиот Закон за урбанистичко планирање, објавен во „Службен весник на РСМ“, бр. 32/2020 од 10.02.2020 година, со примена во рок 120 дена од денот на неговото влегување во сила и подзаконските акти за имплементација на овој Закон.

„И најдобриот законски текст нема суштинска важност, доколку соодветно не се применува во практиката. Во таа насока потребни се концизни подзаконски решенија кои на јасен и недвосмислен начин ќе ја доуредат материјата регулирана во Законот за урбанистичко планирање, но потребна е и доследна примена на овие прописи од страна на надлежните државни органи и општините. Почитувањето на пропишаните рокови и запазувањето на процедурите за донесување на плановите е предуслов за поголема инвестициска активност на приватниот сектор“, – беше пораката на бизнис заедницата на работната средба (5.3.2020 година).

Претставниците на Министерството за транспорт и врски информираа дека во следниот период во фокусот ќе биде подготовката и донесувањето на подзаконските акти за имплементација на Законот, со посебен осврт на Правилникот за урбанистичко планирање и Правилникот за е-урбанизам за што се очекува активно учество и придонес на бизнис заедницата.

КОНЦИЗНИ И НЕДВОСМИСЛЕНИ ПОДЗАКОНСКИ АКТИ СЕ ПРЕДУСЛОВ ЗА НЕПРЕЧЕНА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ЗАКОНОТ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ

Компаниите се интересираа за практичната имплементација на одредени одредби од Законот за урбанистичко планирање, завршувањето на веќе започнатите постапки за донесување на плановите и планските документации, пропишаните рокови и надлежностите за издавање на потребните мислења при донесување на плановите и други прашања, при што изразија подготвеност во следниот период да достават свои коментари и предлози до стручната служба на Комората во насока на надминување на недореченостите и проблемите со кои досега се соочуваа во практиката. 

м-р Нена Николовска