СТРАТЕШКИ НАСОКИ НА АГРОСЕКТОРОТ
👁 Прочитано: 2593




СТРАТЕШКИ НАСОКИ НА АГРОСЕКТОРОТ

Во текстовите од минатите недели пишував општо за агросекторот. Кои се насоките за негов развој? Што треба да се направи за да се обезбеди одржливост на земјоделско-прехранбениот сектор на среден рок? Експертите, бизнис-секторот, познавачите на состојбите укажуваат на формите, моделите, мерките што треба да се земат предвид. Но сето ова, без да се изгради систем на долгорочно планирање, нема да даде ефект.

СТРАТЕШКИ НАСОКИ НА АГРОСЕКТОРОТПродлабочените анализи можат да нѐ донесат до идентификација на потребата за развој и тоа:

- модернизација на земјоделското производство кое ќе обезбеди пораст на конкурентската способност при зачувување на природните ресурси, земјата, биодиверзитетот и др.;

- ефективно користење на ресурсите и премин кон незагадено и одржливо производство на климатските промени; билансиран развој на земјоделското производство, како претпоставка за рационално користење на природните, човечките и финансиските ресурси; стимулирање трансфер на знаења и иновации во земјоделството;

- зголемување на капацитетите на системот за обука во текот на целиот професионален живот;

- поддршка за трансформација на дел од малите стопанства во пазарно ориентирани фармери;

- поддршка за консолидација на стопанствата на млади фармери;

- диверзификација на стопанската дејност пред сѐ во малите земјоделски стопанства; развој на земјоделската инфраструктура – наводнување, подобрување на плодноста на почвата, борба со ерозија и друго, за пораст на производноста и заштита на природните ресурси;

- формирање групи производители за економија од голем калибар и приспособување кон барањата на пазарот; поддршка за вертикална интеграција помеѓу примарното производство и прехранбената индустрија.

СТРАТЕШКИ НАСОКИ НА АГРОСЕКТОРОТАнализата за развој и евентуалното место на нашиот агрокомплекс во ЕУ претпоставува направениот свот-профил да е база за формулирање на целите и стратегијата за развој на земјоделството во земјата. Ако визијата за развој на државата е раст на благосостојбата на граѓаните, таа цел на земјоделскиот развој би требало да биде:

- постигнување на прехранбената сигурност за населението и

- раст на благосостојбата на производителите во услови на одржливо производство, односно такво, кое е конкурентно способно, а во исто време ги чува природните ресурси и животната средина. Достигнувањето на таа цел бара во општ план реализација на потенцијалот на македонското земјоделство и прехранбената индустрија со развој на животоспособни стопанства и претпријатија, повисоко искористување на производните фактори (земја, капитал, труд) и производство на квалитетни производи со високо дадена вредност.

За да се искористат откриените можности поврзани со растечката побарувачка на храна и приближување до ЕУ, македонското земјоделство треба да ги искористи силните страни, да ги надмине слабостите и да ги неутрализира можните опасности. На долгорочен план тоа бара мерки од структурен карактер во областите посочени погоре.

 

Васко Ристовски

Васко Ристовски
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија