Компаниите од кавадаречкиот регион и претставници на Управата за јавни приходи на работен состанок разговара за повеќе актуелни теми.
Претседателот на Регионалната комора со седиште во Кавадарци, Никола Наумов, на почетокот на средбата информираше дека фирмите од регионот имаат потреба од повремена комуникација со надлежни државни институции по одредени прашања и во таа насока беше и средбата со првиот човек на УЈП, Сања Лукаревска и со нејзините соработници.
На средбата се разговараше за примената на Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на платата и за даночните олеснувања и ослободувања пропишани со Законот за данокот на добивка.
Во текот на дискусијата беше истакнато дека со мерката за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на платата, во кавадаречкиот регион (Регионална дирекција на УЈП - Прилеп) ја искористиле околу 2850 компании за 14.890 вработени во вредност од околу 43 милиони денари. Во натамошниот тек на разговорите се укажа на начинот на користење на мерката, условите кои треба да ги исполни работодавачот за да ја користи мерката, начинот на рефундирање на средствата и др.
Во делот на даночните олеснувања беа споменати повеќе мерки кои беа од интерес на присутните, додека за новините во работењето на Управата, се кажа дека посебен акцент се дава на реинженеринг на деловните процеси, особено целосна замена на ИТ-системот, обуки на вработените за изготвување биланс на успех и завршни сметки и др.
На состанокот беа презентирани новините во работењето на Управата за јавни приходи, а претставниците на компаниите активно учествуваа во дискусијата, презентирајќи практични проблеми со кои се соочуваат во секојдневното работење од соодветните области.
Горан Попоски