ВРЕМЕ Е....
👁 Прочитано: 1485



ВРЕМЕ Е....

Минатата недела по повод одбележувањето на 98-годишнината од постоењето на Стопанската комора на Македонија беше одржана панел-дискусија на којашто се анализираше како да се постигне поголем раст и развој на земјите од регионот на Западен Балкан и во тие рамки привлекување нови инвестиции и поголем извоз. Учесниците, истакнати и потврдени домашни претприемачи, универзитетски професори и експерти, сите заедно констатираа - формули за раст и развој може да се обезбедат преку обезбедување нова опрема, средства, идеи. Но нема кадар, а квалитетот на образованието е под знак прашање.

Претприемачите - учесници во панел-дискусијата, од стратешките сектори: земјоделие и производство на храна, машинство, метална и автомобилска индустрија, извозно ориентирани, забелешките ги упатија на:

  1. постоење кадар со неприменливо знаење и без стручни вештини;
  2. голем број високообразовани лица се без функционални знаења кои би ги примениле во праксата и
  3. нема комуникација на образовните, посебно високообразовните институции со приватниот сектор за да се образува кадар релевантен на потребите на стопанството.

Иако постојат можности за модернизација на производните процеси во компаниите со кои освен раст на продуктивноста може да се обезбеди и замена на дел од вработените во компаниите, сепак клучниот проблем и овде е образованието, односно немањето стручен кадар кој би управувал со модерните машини.

Видувањата на учесниците во панел–дискусијата се совпаднаа со констатацијата за инвестирање во развојот на вештини потребни за пазарот на труд и развој на капацитетите на човечки ресурси, изнесена во студијата на ОЕЦД за развојот на економиите на Западен Балкан. Ова треба да го сфатиме како аларм да направиме коренити промени во образованието.

Во таа насока, повторно ќе се навратам на некои решенија за кои и претходно апелирав:

  1. воведување стандарди за квалитет во образованието преку воспоставување критериуми за упис во средните училишта и на факултетите, приемни испити, функционална државна матура, квалитетна реализација на практичната обука во средното и високото образование;
  2. нов пристап во наставниот процес за да ги подготвиме учениците како да учат, како да го применуваат знаењето, критички да размислуваат и да решаваат проблемски ситуации што ќе придонесе за приспособување во работните средини и применливост на нивното знаење;
  3. афирмација на стручното образование и обука со фокус на зајакнување на стручните и трансверзалните вештини;
  4. креирање на образовните и студиските програми според реалните потреби на стопанството и на работните места и образување кадар кој ќе поседува функционални знаења и трансверзални вештини кои ќе знае да ги примени;
  5. реалниот сектор мора да биде вклучен во образовните процеси и не смее да функционира паралелно со образованието, туку треба да се надополнуваат. Реалниот секторот, во високото образование, денес, е сосема дистанциран во процесот на стратегиското планирање, управување и финансирање на образованието и науката, што доведува до евидентна неусогласеност на високото образование со потребите на пазарот на трудот;
  6. флексибилно образование со олеснување на постапките и процедурите за креирање програми кои ќе ги следат современите текови на технологијата и пазарот на труд за потребни вештини, без разлика дали се стекнување знаења и вештини во формалното образование или за доквалификација, преквалификација и унапредување на знаењата и вештините на кадарот во неформалното образование.

Од друга страна, реалниот сектор и самиот мора да покаже поголема проактивност во процесот на обезбедување на кадрите кои му се потребни и да вложува во негово создавање. Треба да нудат излез и решенија. Практичната обука на реално работно место кај работодавач и дуалното образование е едно од решенијата за обезбедување кадар, и за средното стручно и за високото образование.

Во таквиот дуален систем на образование мора да се знае дека улогата на компаниите е доминантна во образовниот процес и подготовка на кадрите, како што прават

- „ЕВН Македонија“, „Дрексел-Маер“, „Костел“, „ЛТХ Леарница“, „OДВ-Електрик“ со креирање образовни програми за нивните потреби, но и

- „Алкалоид“, Цементарница „УСЈЕ“, „Кнауф“, „Макстил“, „Марккарт-Македонија“, „Витаминка“, „Македонски телеком“, „Руен Инох Автомобиле“, „Ариљеметал“ - Скопје кои ги отворија своите компании за реализирање на практичната обука.

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија