ЧЕЛИЧНАТА ИНДУСТРИЈА ТРЕБА ДА ИМА ЦЕНТРАЛНО МЕСТО ВО ПРОЦЕСИТЕ НА РЕИНДУСТРИЈАЛИЗАЦИЈА НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА
➢ Актуелно (07.02.2020)
👁 Прочитано: 1419



ЧЕЛИЧНАТА ИНДУСТРИЈА ТРЕБА ДА ИМА ЦЕНТРАЛНО МЕСТО ВО ПРОЦЕСИТЕ НА РЕИНДУСТРИЈАЛИЗАЦИЈА НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

Секторот металургија учествува со речиси 16% во структурата на македонскиот извоз, со вредност од речиси една милијарда евра, но со правилно структурирање на индустриските политики на земјата, импактот на овој сектор во економијата може да биде повеќекратно поголем, беше еден од заклучоците на седницата на Здружението на металургијата при Комората, одржана на 5.02.2020 година.

Според проф. д-р Дарко Лазаров, кој ги презентираше наодите од изготвената Анализа на Комората за идентификација на развојните можности за извозна диверзификација, во секторот металургија 178 извозни компании извезуваат вкупно 56 производи за кои земјата има компаративна предност во производство и извоз на тој производ, односно вкупно 86 производи за кои се реализира извоз во вредност повисока од 200.000 евра. При тоа, во структурата на извозот од овој сектор по вредност доминира челичната индустрија, во која се реализира извоз во вредност од речиси 495 милиони евра – дополнително, помеѓу останатото, се реализира извоз на руди, згура и пепел во вредност од 184 милиони евра, фабрикувани метали во вредност од 231 милион евра, алуминиум и производи од алуминиум во вредност од речиси 19 милиони евра.

Компаниите од овој сектор укажаа на потребата да се направи детално мапирање на извозните компании во земјата и да се помести фокусот на економските политики кон компаниите од преработувачката индустрија кои имаат потенцијали за креирање на поголема додадена вредност. Металургијата креира големи мултипликативни ефекти за целата економија, поради синергетските ефекти во репродукциските процеси и има потенцијал да испорача раст. Затоа, треба да биде третирана како стратешки важна гранка, на која од страна на креаторите на економските политики не треба да и` биде обезбедувана финансиска поддршка за реализирање на нови инвестиции, туку единствено да бидат обезбедени предуслови оваа гранка да се развива – определување локации погодни за објекти од категоријата тешка индустрија, како и обезбедување на соодветна железничка, патна и енергетска инфраструктура, порачаа компаниите.

На седницата, Ацо Попоски, од компанијата „Железник челичен лив и гранулат“ од Демир Хисар, беше избран за претседател на Здружението, а Иван Бановски од „Макстил“ АД - Скопје, Тодорка Ристовска од „Арцелормиттал“ АД - Скопје и Симон Темелков од „Еуроникел Индустри“ - Кавадарци за заменици-претседатели на Здружението во следниот петгодишен мандат.

ЧЕЛИЧНАТА ИНДУСТРИЈА ТРЕБА ДА ИМА ЦЕНТРАЛНО МЕСТО ВО ПРОЦЕСИТЕ НА РЕИНДУСТРИЈАЛИЗАЦИЈА НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

Д-р Татјана Штерјова