АХ ТОЈ СТРУЧЕН КАДАР
👁 Прочитано: 1237



АХ ТОЈ СТРУЧЕН КАДАР

Kвалификуваната и флексибилна работна сила е првиот приоритет кога станува збор за  за капацитетот на нашата земја да привлече нови инвестиции и да учествува на глобалните пазари. Но квалификуваната работна сила е приоритетот и за одржлив економски раст и развој на земјата.

Ова е сериозно прашање на кое компаниите постојано реагираат. Реално тие се соочуваат со сериозен проблем во пронаоѓање работна сила, како по квалитет, така и по квантитет. Причината за проблемот ја лоцираат во образованието за кое сметаат дека не ги следи реалните потреби на пазарот на труд. Завршените ученици не поседуваат соодветни стручни знаења и вештини, а не поседуваат ниту „меки“ вештини, како комуникација, одговорност, самокритичност, посветеност, важни за извршување на работните задачи. Тоа придонесува голем број млади и работоспособни луѓе да не можат ефикасно да се вклучат во економијата.

Од друга страна и миграцијата на младата популација дополнително ја намалува понудата на квалификувана работна сила.

Според податоците од анализите што ги прави Стопанската комора на Македонија, 65% од компаниите укажуваат дека недостигот на кадар не е карактеристика само во еден плански регион, туку се јавува во сите плански региони и во сите сектори на квалификации. Овој проблем директно влијае на попречување на работниот процес во компаниите и доведува до намалување на  нивната продуктивност.

Компаниите бараат разни начини како да го решат проблемот. Постои пракса, компаниите во некои сектори да вработуваат лица со несоодветни квалификации од територијата каде се наоѓа компанијата или пошироко во регионот каде гравитираат. За тоа компаниите мораат дополнително да вложуваат во своите вработени за стекнување на нови вештини и усовршување на постојните.

Други компании пак, вработуваат лица со високообразовни квалификации кои не ги исплаќаат соодветно, бидејќи се третираат како вработени со пониски квалификации, што доведува до незадоволство кај вработените и својата прилика ја гледаат во заминувањето надвор од нашата држава.

Според анализите на Комората, 40 % од компаниите сакаат да практикуваат уште еден многу непопуларен начин на обезбедување кадар, вработување на кадар со искуство што упатува на преземање на кадарот кој веќе работи. Тоа доведува да се креира алокација на човечките ресурси од една во друга компанија, што претставува решение на краток рок и може да доведе до негативни последици.

Сепак, постои начин како да се намали недостатокот на стручен кадар. Една од можностите е преку создавање рамнотежа помеѓу вештините на кадарот кој излегува од образованието и потребите на пазарот на трудот, посебно на вештините во секторите со силен потенцијал за развој. Овој модел ќе ја намали и постојаната висока стапка на невработеност во нашата земја, која е двапати повисока од стапката на ЕУ-земјите, посебно високата невработеност кај младите и долгиот рок на барателите на работа.  Затоа, кога станува збор за недостигот на стручен кадар, а генерален заклучок е дека треба системски да се работи на подобрување на моменталната состојба, а не да се остават компаниите индивидуално и инцидентно (ад хок) да го решаваат овој проблем.

За да се постигне тоа, потребни се неколку чекори:

* Креаторите на образовната политика да создадат ефективен систем на образование и обука за пренесување вештини и компетенции. Се донесе Стратегија за образованието 2018-2022 во која се детектирани проблемите во образованието, меѓу кои и потребата за создавање стручен кадар за потребите на стопанството преку дуалниот систем на образование. Праксата покажува дека реформите и целиот процес одат многу бавно на што реагираат компаниите.

* Државата мора да даде поддршка во реализацијата на дуалното образование, но не само преку отворени дискусии за проблемот, туку со обезбедување поголеми финансии за стручното образование и со носење на регулатива за модернизација и функционалност на стручното образование и обука, вклучително и дуалниот систем на образование, како што се направи во Србија и Црна Гора.

* Бизнис секторот мора да се вклучи во процесите на образованието и обуката преку јавното приватно партнерство. Компаниите да ги отворат вратите за да можат учениците во реални работни процеси да ги стекнат практичните вештини. 

Неслучајно во фокусот на Европската комисија во Стратегијата 2027 ,,Поглед кон иднината“ главна цел е креирање на инклузивно општество што ќе продуцира стручни и квалификувани лица, што ќе промовира стабилност, просперитет и социјална кохезија.

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија