ПРЕДИЗВИЦИТЕ ПРЕД ДОМАШНАТА ТУТУНСКА ИНДУСТРИЈА ВО 2020 ГОДИНА
👁 Прочитано: 1631



ПРЕДИЗВИЦИТЕ ПРЕД ДОМАШНАТА ТУТУНСКА ИНДУСТРИЈА ВО 2020 ГОДИНА
ОПШТО ЗА АГРОСЕКТОРОТ 
Васко Ристовски, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија

Како резултат на поволните климатски прилики се очекува одличен квалитет и за дваесетина проценти повисок род на суров тутун во лист од реколтата 2019/2020 година.

Претходните години составот по типови при откуп беше поинаков од сегашниот. Јаката беше застапена со 26%, додека денес истата учествува со само 5%, остатокот отпаѓа на типот Прилеп. Но за жал точни податоци нема, за што е потребно ресорното министерство да информира колкави количини на тутун досега се откупени и кои се проблемите на теренот. А проблеми има, откупот согласно новите законски одредби е при крај, наредниот период ќе биде неизвесен во поглед на откуп на договорените количини. Вкупно годинава се договорени 26.300 тони на 13.026 хектари површина. Се поставува прашање, уште колку точно има неоткупен тутун??

Една од причините за моменталната состојба е нерешениот проблем со парцелите но и резервата при пријавување од страна на производителите. Еден од начините за избегнување на ваквите проблеми во иднина е непродолжување на лиценцата на откупните компании кои не го откупиле и платиле тутунот согласно склучените договори.

Оваа година контролата на терен скоро и да ја нема. Како извор на проблемот се посочуваат одредени компании. Во некои општини се уште има големи количини неоткупен договорен тутун. Воочена е и појава за предвремено затворање на пунктови од страна на одредени откупни фирми иако не се откупени договорените количини, што е спротивно на законските одредби. Потребно е да се откупат најпрвин договорените количини, а потоа вишокот производство да се распредели по компаниите и истиот дополнително да се откупи. За таа цел, неминовно е одржување на средби на квартално или полугодишно ниво со релевантните институции и со анализа на сработеното. Во Србија, по големиот притисок од страна на компаниите, повеќе од 90% од нелегалниот тутун на пазарита беше отстранет. Потребно е да се ангажира и катастарската управа со снимање на парцелите, а од страна на една од компаниите беше понудено техничко решение кое беше применето и во Србија.

Во изминатите години тутунот целосно беше откупуван, дури и вишокот произведен без договори. Последните неколку години тутун влегува и од Албанија и го дестабилизира домашниот пазар. Стратегијата за развој на тутунопроизводството за наредниот седумгодишен период е веќе изработена, и истата ќе помогне во зајакнување на контролата и намалување на последиците.

Во 2020 година како приоритет во работата на овој сектор ќе биде борбата против нелегалниот тутун во земјата. Потребно е да се засили соработката со надлежните институциите, фреквенцијата на нелегалниот тутун на пазарите е зголемена, а последиците ќе ги почувствуваат и производителите на тутун. Состојбата е алармантна а податоците се крајно неповолни.

Во Собранието на РСМ се измените на Законот за тутун, тутунски производи и сродни производи во насока на зајакнати критериуми за тоа кој може да увезува тутун. За прв пат, со овие измени, е предвидена и можност за бришење од регистарот на увозници. Сега во регистарот има 41 компанија, некои од нив се фиктивни, така да со нивно бришење бројот драстично ќе се намали. Ваквата иницијатива ја поддржаа откупните компании истакнувајќи дека некои решениjа во тутунскиот сектор до сега биле фиктивни и довеле до ваква состојба. Истовремено, потребно е компаниите поактивно да учествуваат во ваквите законски измени како би се минимизирале последиците во секторот.

Васко Ристовски
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија