РЕАЛИЗИРАНА РАБОТНА СРЕДБА ВО ВРСКА СО ПРИМЕНАТА НА НОВИОТ ЗАКОН ЗА АКЦИЗИТЕ

   

АКТУЕЛНО / 23.01.2020
👁 Прочитано: 349


РЕАЛИЗИРАНА РАБОТНА СРЕДБА ВО ВРСКА СО ПРИМЕНАТА НА НОВИОТ ЗАКОН ЗА АКЦИЗИТЕ

Во Стопанската комора на Македонија беше реализирана работна средба во врска со практичната имплементација на новиот Закон за акцизите кој е во примена од 01.01.2020 година. На работната средба присуствуваа директорот на Царинската управа на РСМ, Ѓоко Танасоски и помошник-директорот на Секторот за акцизи при Управата, Анастас Маженковски.

Билјана Пеева-Ѓуриќ, в.д. извршен директор на Стопанската комора на Македонија, посочи дека денешната работна средба е реализирана на иницијатива на компании-членки на Комората кои се акцизни обврзници и се засегнати од примената на Законот за акцизите со цел подетално информирање за можноста за искористување на акцизните ослободувања за енергентите и електричната енергија кога истите се користат во минералошки процеси пропишани со членот 99 од посочениот Закон. Претставниците на Царинската управа информираа за новините предвидени во Законот за акцизите во делот на акцизните ослободувања за енергентите и електричната енергија појаснувајќи дека предметната одредба, меѓу другото, предвидува акцизно ослободување за енергентите кога тие се користат во минералошките процеси распоредени во глава 23 од Национална класификација на дејности – НКД Рев.2 (производство на огноотпорни производи, градежни материјали од глина, цемент, вар и гипс, сечење, обликување и доработка на камен и слично), при што за сите енергенти (со исклучок на нафтениот кокс) Законот пропишува акцизна стапка 0.

Дополнително, на средбата беше појаснето дека за да може компаниите да го искористат акцизното ослободување потребно е да ги исполнат законски предвидените услови и да добијат одобрение за акцизно повластено користење кое го издава Царинската управа. Во таа насока се дискутираше дека добивањето на одобренијата за акцизно повластено користење се заснова на систем на квоти врз основа на претходно доставени барања од страна на компаниите со наведување на годишната количина на енергентите за која се бара акцизното ослободување, а доколку количините за која е добиено одобрението компаниите ги потрошат пред истекот на рокот наведен во одобрението тие може да поднесат ново барање.

РЕАЛИЗИРАНА РАБОТНА СРЕДБА ВО ВРСКА СО ПРИМЕНАТА НА НОВИОТ ЗАКОН ЗА АКЦИЗИТЕ

Компаниите се интересираа и за времетраењето на постапките за добивање на одобренијата за повластен корисник, количините на енергенти за кои може да се добие одобрението и други прашања поврзани со практичната имплементација на Законот.

На состанокот од страна на Управата беа најавени можности за нови проекти во насока воспоставување на „single window“ систем за обезбедување на потребните дозволи и друга документација за увозно-извозните постапки и воедно изразија подготвеноста за натамошни средби и консултации со бизнис-заедницата. 

Нена Николовска