КИФ - РЕТРОСПЕКТИВА НА 2019 ГОДИНА

   

👁 Прочитано: 880


КИФ - РЕТРОСПЕКТИВА НА 2019 ГОДИНА

Сања Николова
м-р Сања Николова,
стручен соработник во Стопанската комора на Македонија

Во изминатата година во рамките на КИФ беа реализирани и започнати низа проектни активности во насока на поврзување на земјите од Западен Балкан и креирање единствена регионална економска областа (РЕО) за полесно и побрзо приклучување на целиот регион кон Европската унија.
Беа преземени и конкретни дејствија за постигнување на четирите слободи во регионот на Западен Балкан. Северна Македонија и Србија имаа најголем напредок во спроведувањето на истите со имплементација на „One stop shop“ на најпрометниот граничен премин Табановце - Прешево; целосно оспособување на главниот граничен премин меѓу Северна Македонија и Србија – Табановце - Прешево, којшто ќе биде отворен 24/7 со полн капацитет на вработени за сите потребни; како и взаемно признавање на овластени економски оператори (ОЕО).
Редоследно што се беше преземено во рамките на КИФ изминатите 12 месеци....

1. 
          Во насока на промоција на регионот на Западен Балкан како единствена регионална економска област и дестинација за инвестиции, во текот на изминатите две години Коморскиот инвестициски форум активно работеше на креирање на заедничка „онлајн“ инвестициската платформа „Регионална инвестициска платформа“ (www.investinsee.com). Платформата го претставува регионот на ЗБ6 како една дестинација за инвестирање и ги нуди сите неопходни информации, факти, цифри и регулаторни алатки што им се потребни на инвеститорите кога донесуваат одлука за тоа каде да инвестираат. На платформата можат да се најдат сите информации поврзани со поволностите за инвестирање, податоци за макроекономските показатели, правната рамка, пазарот, финансиските и други стимулации, потенцијалните партнери и добавувачи, како и конкретни проекти во кои може да се инвестира.

2. 
          Со цел промоција на инвестициските можности во регионот, во јуни 2019 година, во Лондон, Велика Британија, КИФ во соработка со „Financial Times“ го организираше Форумот на Западен Балкан, со наслов: „Можности за инвестирање во брзорастечкиот регион“. Преку презентации, дискусии и дијалози со високи претставници на владите од регионот, на форумот беа презентирани можностите за инвестирање во регионот. Гостите имаа можност да ги слушаат и да се поврзат со политичките лидери и креатори на политиките, бизнис-лидерите кои инвестираат во регионот, како и консултантите, економистите и функционерите од меѓународните финансиски институции.

3. 
          Во истиот месец (јуни), КИФ зема активно учество и на Самитот на Западен Балкан во Познањ, Р. Полска, под мотото: „Да растеме заедно“, а  во насока на приклучување на регионот на Западен Балкан кон Европската унија и креирање заеднички политики за раст и развој. На Самитот претседателот на Коморскиот инвестициски форум, Марко Чадеж, со претставниците од Европската комисија, официјално го претставија и го најавија започнувањето на Проектот на ЕУ за поконкурентен регион. Целта на Проектот е Европската унија да помогне во зајакнувањето на капацитетите на коморите - основачи на Коморскиот инвестициски форум, со тоа што ќе можат на компаниите да им понудат подобрени услуги и полесен пристап до пазарите на Европската унија. Во рамките на овој проект, околу 200 компании од регионот ќе можат да се поврзат и да склучат договори за билатерална соработка на деловните средби организирани од КИФ, повеќе од 60 компании ќе добијат поддршка да влезат во меѓународните синџири за добавување, а исто толку компании заеднички ќе настапат на три големи меѓународни саеми.

4. 
          По поминати точно 27 години од поставувањето на границата кај Табановце, на 26.8.2019 година, по долгогодишните напори и како едно од позначајните барања на бизнис-заедницата на Балканот, се воспостави заедничко гранично управување на македонско-српската граница по принципот „One stop shop“. Истото се воведе на барање на бизнис-заедницата од Србија и Македонија и на Коморскиот инвестициски форум - КИФ и не е прашање од интерес само за Македонија и Србија, туку за обезбедување побрз проток на стоки и услуги во рамките на Коридорот 10, како главна трансверзала која ги поврзува Централна со Јужна Европа и со Блискиот Исток. За значајноста на овој граничен премин говорат и бројките. Имено, во просек увозно-извозни постапки спроведуваат околу 200.000 товарни возила годишно, а над 60.000 товарни возила транзитираат преку овој премин.

5. 
          Во август, КИФ потпиша Договор со Асоцијацијата на германските комори за трговија и индустрија (DIHK),  за отпочнување на проектни активности во насока на подигање на капацитетите на коморите од регионот на Западен Балкан со цел креирање услуги за помош на компаниите во насока на обединување на регионот и креирање единствена Регионална економска област. Проектните активности беа дефинирани на дводневната работилница одржана во ноември во Белград, а истите ќе започнат со имплементација на почетокот на 2020 година, со времетраење од 3 години. Со имплементацијата на овој проект продолжува долгогодишната соработка со Асоцијацијата на германските комори за трговија и индустрија (DIHK), преку кој Стопанската комора на Македонија заедно со останатите пет комори од регионот на Западен Балкан интензивно ќе работат на зголемување на капацитетите на коморите во насока на креирање нови и модифицирани услуги за помош на компаниите од регионот и поврзување на бизнис заедниците од Западен Балкан.

6. 
          Коморскиот инвестициски форум на земјите од Западен Балкан (КИФ ЗБ6) и Европската тренинг фондација (ЕТФ), во септември 2019 година во канцеларијата на Секретаријатот на КИФ во Трст, потпишаа Договор за соработка и взаемна поддршка за развој на вештини потребни за економијата  на 21-от век. Со потпишувањето на овој договор, главен акцент  , потребни за зајакнување на нивниот пат кон ЕУ, во соработка со образовните институции и во согласност со барањата на пазарот на трудот.

КОМОРСКИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ НА ЦЕФТА-НЕДЕЛАТА ВО ТИРАНА

7. 
          Во насока на промоција на регионот и привлекување што поголем број странски инвеститори на просторот на Западен Балкан, претседателот на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), Марко Чадеж, во септември зема учество на Самитот „Конкордија 2019“, којшто се одржа во Њујорк, САД. Тој во име на регионалната деловна заедница пред влијателни лидери на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор од целиот свет, за време на пленарната сесија на Самитот, пред повеќе од 600 учесници и 300 говорници, ги презентираше условите за инвестирање во регионот на Западен Балкан и ги покани странските инвеститори да дојдат и да го посетат регионот и сами да се уверат во неговиот брз раст и развој.

8. 
          Во текот на месец октомври 2019 година, претседателот на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), којшто е воедно и претседател на Стопанската комора на Србија,  Марко Чадеж, потпиша договори за соработка со Советот за слободни зони во Дубаи и Индустриската зона Калифа во Абу Даби, со што се обезбедува платформа за компаниите од Западен Балкан за нивен понатамошен развој и инвестиции кон глобалните пазари. Со потпишувањето на овие договори им се овозможува на компаниите и бизнисмените од регионот на Западен Балкан, под повластени услови индивидуално да основаат филијали на своите компании во слободните зони. Канцеларијата на Стопанската комора на Србија во Дубаи им стои на располагање на сите компании од регионот заинтересирани за соработка и инвестиции во ОАЕ.

Една година по Самитот во Лондон - НАПРЕДОКОТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН И ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА ЕДИНСТВЕНА РЕГИОНАЛНА ЕКОНОМСКА ОБЛАСТ (РЕО)

9. 
         Околу 20 милиони компании - членки во коморите кои се дел од Eurochambers во текот на месец октомври, по одбивањето на Р. Северна Македонија и Р. Албанија за добивање датум за отпочнување на преговорите со Европската унија, се изјаснија дека деловната заедница на Западен Балкан веќе ја гледаат како дел од европската економија и сакаат економиите на Западен Балкан да станат дел од ЕУ што е можно поскоро. Оваа јасна порака, Европската комора ја испрати до новиот Европски парламент и Европската комисија, како најдобра поддршка за проширување на ЕУ на Западен Балкан и кон активностите на Коморскиот инвестициски форум (КИФ). Во официјалниот документ, во кој најголемата европска деловна асоцијација ги истакнува своите ставови и препораки за интернационализација на европската економија, како еден од нејзините клучни приоритети, ги наведува идните постапки и градењето релации со најголемите играчи на меѓународната економска сцена, како што се Кина, САД, но и латиноамериканските  и  африканските земји, а посебен акцент е ставен на соработката со економиите од Западен Балкан.

10. 
          На 11 октомври 2019 година во Нови Сад, Р. Србија, на состанокот на премиерите на Република Северна Македонија, Зоран Заев, и на Република Албанија, Еди Рама, како и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, беше потпишана заедничка Декларација за спроведување на четирите темелни „слободи“ на ЕУ во земјите од регионот на Западен Балкан. Декларацијата претставува заложба за што побрзо и поефикасно формирање на Регионална економска област (РЕО) во Западен Балкан 6 како што е предвидено со повеќегодишниот Акциски план усвоен на Самитот на премиерите на Западен Балкан во Трст, во јули 2017 година, како дел од Берлинскиот процес, заснована на сеопфатност и на принципите на ЕУ за четирите „слободи“; слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал.

11.   
          Со Декларацијата, претседателите изразија подготвеност за зајакнување на регионалната соработка за генерирање економски развој, намалување на невработеноста, борба против илегалната миграција, борба против транснационалниот организиран криминал и подобрување на социјалната благосостојба на граѓаните, како и за зголемување на трговијата, инвестициите и вработувањето во регионот на Западен Балкан.

12. 
          Како продолжение на низата работни средби на лидерите од Западен Балкан, во Охрид на почетокот на месец ноември 2019 година, премиерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ, ги договорија основните смерници за поврзување на регионот и креирање на „мал Шенген“ меѓу земјите од Западен Балкан, што воедно е и дел од работната агенда на Коморскиот инвестициски форум (КИФ). Трите страни ги повикаа лидерите на останатите балкански земји да им се приклучат кон заедничката декларација со цел градење на поинаков Западен Балкан кој ќе прерасне во подобро место за живеење и значаен фактор за Европската унија и ќе има заеднички придобивки како што се: меѓусебно признавање на дипломите, брзи ленти за камионите за елиминирање на застојот на стоки на граничните премини и поминување на границите само со лична карта, коишто се само дел од агендата. 

13. 
          Во ноември 2019 година се одржа и завршната конференција во рамките на Проектот: „Зголемување на извозниот потенцијал на малите и средни претпријатија во регионот на 6-те земји од Западен Балкан“, на чијашто имплементација во текот на изминатата година активно работеа сите шест комори од регионот членки на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) со поддршка на Отворениот регионален фонд за надворешна трговија на Германското друштво за интернационалана соработка (ГИЗ). Главната цел на Проектот беше да се подобрат рамковните услови за трговија во Југоисточна Европа, во согласност со барањата на процесот за приближување кон ЕУ. Во рамки на првата фаза на Проектот беше изготвена и Брошура со насоки за извоз на производи од преработувачката индустрија (овошје и зеленчук) од Регионот на Западен Балкан во земјите на Европската унија, којашто воедно е достапна за сите компании на официјалната веб- страна на Стопанската комора на Македонија (www.mchamber.mk). Во рамки на Проектот, во завршната фаза коморите од регионот креираа заедничка база на податоци на произведувачи и дистрибутери на производи од агро-секторот, поточно производи од конзервната и преработувачката индустрија, од пазарите во регионот, но и од европските пазари.

14. 
          Кон крајот на годината беа реализирани најзначаен број на настани коишто ја  заокружија 2019 година, но и поставија темели за креирање на работна агенда за 2020 година, во рамки на Коморскиот инвестициски форум.

- Во декември, КИФ официјално го потпиша Договорот со Германската банка за развој и финансирање - KfW за отпочнување на проекти од областа на средното стручно образование со цел унапредување на стручните вештини и зголемување на работливоста на младите во регионот. Фокусот е ставен на развојот на дуалното стручно образование и подготовка на коморите за нивната улога на посредници во целиот процес, идентификување на потребните вештини, развивање на квалификации за иновативни економии, развивање на одржлив модел за јавно приватно партнерство, како и развивање на дигитални и претприемачки вештини. 

АГЕНДА ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА  ЗАЦРТАНИТЕ АКТИВНОСТИ НА КИФ (III дел)

- Во Тирана, во рамки на активностите за време на ЦЕФТА-Неделата, на 18.12.2019 година официјално беше потпишан Договор со Европската унија за грант за тригодишниот проект за подигнување на конкурентноста на стопанството од регионот, кој ќе го имплементира Коморскиот инвестициски форум (КИФ), а за којшто Европската унија издвои 2,5 милиони евра. Една од основните цели на Проектот ќе биде зајакнувањето на меѓусебната соработка на компаниите од регионот, но и зајакнување на нивните капацитети за да ја продлабочуваат соработката со компании од трети земји, што треба да доведе до потпишување договори вредни околу 50 милиони евра. Истовремено, анализите укажуваат дека овој проект ќе придонесе до 2022 година БДП по глава на жител во регионот да порасне од сегашното ниво од една третина на просекот на ЕУ, до 40% од просекот во Унијата. При тоа, проектираните цели на Проектот се увозот и извозот на стоки и услуги да пораснат на 57%, односно на 70% од регионалниот БДП, а меѓусебната размена во рамките на регионот да порасне од постојните 4,5 милијарди на 6,6 милијарди евра.
- Во декември во Белград,  беше одржана и работилница за дизајнирање на регионалните стандарди на занимања во рамките на Проектот „Кон регионални стандарди на занимања - КОН РЕГОС“, финансиран од Австриската агенција за развој. Учеството на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) во овој проект и насоченоста кон образованието претставува потврда дека без унапредување на образованието и обуката на младите лица не можат да се постигнат целите и соработката во областа на економијата и на другите полиња.

МАЛ ШЕНГЕН- ЗАКЛУЧОЦИ ПО СОСТАНОКОТ ВО ТИРАНА
- По катастрофалниот земјотрес што ја погоди Албанија, кон крајот на годината, на 21 декември 2019 година во Тирана, Р. Албанија, премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, како и претседателите на Црна Гора и Србија, Мило Ѓукановиќ и Александар Вучиќ, земаа учество на состанокот одржан во рамки на иницијативата „Мал Шенген“. На состанокот беа разгледани резултатите од досега постигнатите активности од спроведувањето на четирите слободи во регионот на Западен Балкан (движење на стоки, на луѓе, на услуги и на капитал), претходно утврдени на состаноците во Нови Сад и во Охрид и беа донесени нови мерки коишто ќе бидат спроведени во наредниот период, како што е потпишување на Протоколот од Драч, којшто претставува имплементација на мерката за соработка на дирекциите за заштита и спасување на секоја од земјите од Западен Балкан.

Во новата година останува активно да се продолжи со работа на веќе дефинираните цели за креирање единствена регионалнана економска област и имплементација на новите проектни активности во насока на креирање на економски доволно силен регион, за побрзо приклучување кон европското семејство.