5-ТАТА ЅВЕЗДА НА ДОФАТ

   

👁 Прочитано: 1245


5-ТАТА ЅВЕЗДА НА ДОФАТ
Бранко Азески, претседател
на Стопанска комора на Македонија

На две години пред 100-годишнината имаме историска шанса Комората да ја позиционираме таму каде што треба – имаме успешни членки, добар менаџмент и средства да го оствариме тоа.

1. ДО ЧЛЕНКИТЕ!

Поминавме еден тежок период но стекнавме нови искуства, коишто пред нас отвораат конечно вистински перспективи. Имаме искуство, имаме кадар, имаме стратегиски документ за развој - сето тоа е гаранција дека Комората конечно, како што се приближува до 100-годишнината, се приближува и до остварување на своите определби навистина да стане Комората со 5 ѕвезди.

Јас ве уверувам дека тоа е единствено можно ако НИЕ СЕ СВРТИМЕ ЦЕЛОСНО КОН ВАС, НО И ВИЕ КОН НАС! Тоа значи напуштање на досегашните активности во исцрпувачки неплодни разговори со извршната власт и концентрирање на сите сили кон Ваше вмрежување и поддршка на највисоко консултантско ниво за Вашите потреби. Но тоа не може да се оствари ако Вие и понатаму губите време во директни релации со извршната власт. Тоа бара Ваше целосно свртување и градење доверба во Комората како единствен организиран заштитник на Вашите интереси, а тоа е стремење кон единствената економски оправдана цел - да создадеме што попрофитабилни компании. Пораката е прецизна и јасна, ние сите знаеме што значи тоа, но имаме проблем во нејзиното спроведување. 2020-та нека биде година во која ќе го направиме најзначајниот исчекор во нашето работење.

http://www.mchamber.mk/upload/ZgradaNaKomorata.png2. ДО МЕНАЏМЕНТОТ НА КОМОРАТА!

За да се оствари нешто, потребни се 3 работи: јасна цел, способен кадар и пари за реализирање на таа работа. Нашата цел е дефинитивно утврдена, тоа е максимална поддршка на нашите компании. Кадарот е обезбеден на највисоко можно ниво, а и средствата не се веќе проблем. Затоа нема веќе оправдување за слабостите во работењето на менаџментот. Конечно во менаџментот на Комората се најспособните луѓе во областа на своето работење. Правецот по кој треба да се оди е правец на следење на „големата слика“, а не занимавање со маргинални работи. Задача на секој од нив е да заборават на своите суети, да заборават на бирократските итроштини и максимално да се насочат во реализирањето на целите утврдени во стратегијата за натамошен развој на Комората. Оправдувањето од типот на ситно бирократските активности не држат вода и не одговараат на нивото на нивната професионалност. Нивната улога е силната индивидуалност да ја стават во функција на Комората а не во лечење на комплексите.

3. ДО ВРАБОТЕНИТЕ ВО СТОПАНСКАТА КОМОРА

На секој човек вработен во ваква значајна институција во епицентарот на Скопје секојдневно во друштво со највлијателните претставници на извршната власт, најуспешните менаџери и сопственици на компании и најдобрите коморски кадри, треба да му претставува чест и задоволство служењето на една таква институција со така голема традиција. Мојата порака до нив е да се вклопат во заедничките напори за остварување на стратегијата и целите. Секојдневно да се доедуцираат и да го подигнат своето ниво на стручност и знаење. И конечно да ја покажат својата иницијативност и да почнат да предлагаат активности, како што тоа го направија во текот на овој месец со своите писмени предлози, за што можам да изнесам високи оценки. Тие кои не се вклопуваат во овие цели отворено тоа нека го кажат ќе најдеме решение и за нив.

П.С. Нашиот углед на меѓународен план расте секој ден. Ние сме единствената комора на Балканот со доброволно членство и во услови на коморски плурализам што има толку голем рејтинг. Ние сме на чело на најзначајните регионални институции и слободно можеме да кажеме лидери на коморскиот систем на Балканот. За тоа секојдневно добиваме и признанија. Поради тоа, потребно е да изградиме највисоки критериуми во нашето работење. Ги повикувам членките на СКМ при активностите за предлагање претставници во Собранието на Комората како највисок орган, предност да им дадат на најуспешните менаџери од најуспешните компании и со тоа да ја покажеме нашата спремност дека тоа што го воведуваме и го исполнуваме. Нема да бидат заборавени ни помалку успешните. Но, во овој момент во нашите органи мора да седат најуспешните.