ЕНЕРГЕТСКИОТ БИЛАНС ЗА 2020 ГОДИНА ПРЕД МАКЕДОНСКАТА ЕНЕРГЕТСКА АСОЦИЈАЦИЈА
➢ Актуелно (20.12.2019)
👁 Прочитано: 1643



ЕНЕРГЕТСКИОТ БИЛАНС ЗА 2020 ГОДИНА ПРЕД МАКЕДОНСКАТА ЕНЕРГЕТСКА АСОЦИЈАЦИЈА

Македонската енергетска асоцијација (МЕА) го разгледуваше Енергетскиот биланс за 2020 година. Енергетскиот биланс на Република Северна Македонија за 2020 година е изработен во согласност со Законот за енергетика и со Правилникот за енергетски биланси и енергетска статистика. Енергетскиот биланс е индикативен плански документ и во истиот се прикажуваат потребите од вкупните количества на енергија и од одделни видови енергија во Републиката и можностите за нивно обезбедување со производство од домашните капацитети и од увоз.

Енергетскиот биланс е изработен врз основа на податоците за предвидените потреби за одделните видови енергија и енергенти добиени од субјектите наведени во членот 4 од Правилникот, како и извршените анализи и усогласувања направени од Министерството за економија.

За секој вид енергија е подготвен биланс за задоволување на предвидената потрошувачка. Врз основа на податоците од одделните биланси е пресметана потрошувачка на финалната енергија, како и потребната енергија за обезбедување на потрошувачка на финалната енергија.

ЕНЕРГЕТСКИОТ БИЛАНС ЗА 2020 ГОДИНА ПРЕД МАКЕДОНСКАТА ЕНЕРГЕТСКА АСОЦИЈАЦИЈАПодатоците за 2018 година како и за девет месеци од 2019 година за електрична енергија, природен гас, нафта и нафтени продукти и за јаглен се преземени од Државниот завод за статистика.

При изготвување на билансите за мрежните енергии (електрична енергија и природен гас) за следната година (2020), истовремено вклучувајќи ги и последните четири месеци од 2019 година, користени се предвидувања и прогнози за потрошувачката и загубите во системите добиени од соодветните оператори и предвидени потреби на големите потрошувачи, како и прогнози за производство од производителите на електрична енергија.

За суровата нафта и нафтени продукти и јаглените (кокс, лигнит и јаглен) податоците се добиени од производителите, увозниците на енергенти (трговци и/или големи потрошувачи).

Финална енергија: Во 2020 година се предвидува дека потрошувачката на финална енергија ќе изнесува 1,935.1 ktoe, и ќе биде на исто ниво во однос на потрошувачката на финална енергија во 2019 година. Во поглед на потрошувачката на енергенти, нафтените продукти остануваат со најголемо учество од 50,6% (979.6 ktoe), електричната енергија со 28,2% (545ktoe), биомасата со 9,7 % (188ktoe) и јаглените со 6,4% (123 ktoe). Сообраќајот го има приматот на сектор со најголема потрошувачка. Неговата потрошувачка во 2020 година се предвидува да биде 724.3ktoe што е 37% од вкупната потрошувачка на финална енергија, а по него следуваат секторот домаќинство со 472.9ktoe (24%), секторот индустрија со 454.5ktoe (23%), комерцијалниот и услужен сектор со 213.9ktoe (11%), земјоделството со 18.9 ktoe (1%) и неенергетски потреби со 50.5ktoe (4%).

ЕНЕРГЕТСКИОТ БИЛАНС ЗА 2020 ГОДИНА ПРЕД МАКЕДОНСКАТА ЕНЕРГЕТСКА АСОЦИЈАЦИЈАПотребна енергија: Предвидените потреби од енергија за 2020 година се проектирани на 2,767 ktoe што е на исто ниво во однос на 2019 година. Споредено со 2019 година, најголем пораст се забележува кај природниот гас од 21%, како резултат најмногу на најавите за зголемено производство од „ТЕТО“. Во 2020 година се предвидува јаглените да учествуваат со 39% (1013.0ktoe), а нафтените продукти 38% (996.3ktoe). Исто така, се предвидува, биомасата да учествува со 7% (187,8 ktoe), природниот гас со 12% (299,4 ktoe), хидроенергијата 5% (122,3 ktoe), а ветерната (8,2 ktoe), геотермалната (5,5 ktoe), биогасот (4,6 ktoe) и соларната енергија (7,2 ktoe) со околу 1% учество.

Електрична енергија: Производството на електрична енергија на ниво на генератор во Република Северна Македонија во 2020 година се предвидува да биде 6439 GWh што е за 6% повисоко во однос на 2019 година.

Природен гас: За 2020 година се предвидени 365 илјади Nm3 природен гас, од кои 305242 илјади Nm3 е предвидено да бидат потрошени за производство на електрична и топлинска енергија. За финална потрошувачка се предвидени 58.887 илјади Nm3 од кои 50.736 илјади Nm3 се за индустрија, 7705 илјади Nm3 за комерцијалниот и услужен сектор, 190 илјади Nm3 за сообраќајот и 257 илјади Nm 3 за домаќинствата.

Нафтени продукти: Во 2020 година се прогнозира намалување од 1 % во однос на 2019 година, односно прогнозирано е таа да изнесува 996,3 ktое. Вкупно 1210 ktое се очекува да се обезбедат од увоз, од кои 213,9 ktое се наменети за извоз. За енергетски трансформации, во термоелектраните на јаглен за потпала и поддршка во просецот на согорување е предвидено да се употребат 16,7 ktое, додека останатите 979 се предвидува да се употребат за финална потрошувачка во секторите.

Јаглени: Вкупно 5791,8 kt од кои 5597,2 kt лигнит, 89,6 kt суб-битоминозен јаглен (увозен лигнит со повисока калорична вредност) се предвидува да се потрошат во 2020 година. Потрошувачката на јаглен за енергетски трансформации се очекува да биде околу 5553,4 kt, количество што е наменето за производство на електрична енергија.

ЕНЕРГЕТСКИОТ БИЛАНС ЗА 2020 ГОДИНА ПРЕД МАКЕДОНСКАТА ЕНЕРГЕТСКА АСОЦИЈАЦИЈАБиомаса: Вкупните потреби од биомаса се предвидува да бидат 925,8 илјади m 3 огревно дрво, 83,2 kt дрвени отпадоци, брикети и пелети и 31,4 илјади m3 дрво од овошни насади или друг вид на растителни отпадоци. Од вкупните количини на огревно дрво 884,1 илјади m3 се предвидуваат да се потрошат во секторот домаќинство. Од категоријата дрвени отпадоци, брикети и пелети, 70,3 kt се наменети за домаќинствата, а останатите за индустријата, а од категоријата дрво од овошни насади или друг вид на растителни отпадоци вкупната количина е наменета за домаќинствата.

Топлина: Во 2020 година предвидено е производство на топлина од 2029 ТЈ што е повисоко од потрошувачката во 2019 година. Од овие потреби 1460 ТЈ се предвидени за домаќинствата, 459 ТЈ за комерцијалниот и услужен сектор, 19 ТЈ за индустријата и 253 ТЈ се загуби.

Перо Авакумовски