За да се изгради успешна организација, мора да се има мноштво луѓе кои имаат различни улоги за да може работата да се одвива непречено. Некои од тие улоги се лесно дефинирани, додека другите може да имаат некои збунувачки ограничувања, како, на пример, разликата меѓу лидерот и менаџерот. Улогата на еден лидер го обврзува менаџерот да ги мотивира, обучува и охрабрува соработниците, а има за цел да влијае врз придонесот на луѓето во компанијата. Доколку менаџерот поседува или ги развил лидерските вештини за управување со луѓе, неговата работа ќе биде полесна, а постигнатите резултати ќе бидат поголеми. Лидерот треба да биде пример и предводник на една компанија. Тој мора да поседува авторитет, да се држи до морални и етички принципи, да поседува доза на праведност и искреност како спрема вработените, така и спрема сите партнери со кои соработува. Лидерот може да послужи како пример, кој ќе влијае врз другите да ја зголемат продуктивноста.
Во таа насока беше и претпоследното предавање на тема: „Од менаџер до лидер - влијанието на лидерот врз успешноста на организацијата“, согласно Агендата за оваа година што се одржа во Клубот на менаџери-претприемачи при Стопанската комора на Македонија, а во соработка со Наташа Алексовска, основач и деловен консултант во компанијата „Вивендум Рацио Солушнс“ од Скопје.
Лидерството, вели Наташа Алексовска, често се објаснува како способност на менаџментот да креира такво окружување што поттикнува обврзување на вработените да учествуваат во извршувањето на стратегијата на организацијата. Тоа вклучува комплексни трансакции меѓу лидерите и следбениците. Менаџерите не се секогаш и успешни лидери, односно не секогаш лидерите се и менаџери. Се разбира, организациите без оглед на големината, претпочитаат и настојуваат да развијат менаџери кои се едновремено и лидери.
Валентина Цветковска
