„Ноел“ од Гевгелија - пример за македонска текстилна компанија која успешно опстојува скоро три децении

   

👁 Прочитано: 1449


„Ноел“ од Гевгелија - пример за македонска текстилна компанија  која успешно опстојува скоро три децении

„Ноел“ - Гевгелија, основана е во 1991 година како компанија во приватна сопственост и повеќе од две децении ја држи лидерската позиција во текстилната индустрија во Република Македонија.

Во моментов брои околу 600 вработени. Компанијата секоја година издвојува средства за доедукација на вработените со цел на клиентот да му се овозможи високо ниво на услуга, со што би се оправдале неговите стандарди и барања.

Основна дејност на компанијата е шиење на машки кошули за најпознатите светски брендови, како што се "Јооп“, "Олимп“, "Стрелсон° и "Хуго Бос“, врз основа на кои се темели  деловната релација и репутација со што рејтингот на компанијата е во постојан пораст, што е потврдено со одобрувањата и големиот број награди од светските партнери.

Во рамки на компанијата во с. Стојаково изградена е автоматска кројачница и моделарница за кошули со компјутерски центар и производен погон за мостри, а  инвестицијата е заедничка со најпознатата светска фирма за кошули „Зајден штикер“ од Германија. Поконкретно, направени се многу инвестиции за набавка на сосема нова опрема и системи за автоматизација, како и за проширување и модернизација на погоните со цел понатамошна ефикасност на производството и надграден квалитет на неговите производи,  зголемување на продуктивноста на работењето.

Во разговорот со сопственикот на компанијата, Томислав Главчев, беа отворени низа прашања кои ја оптоваруваат работата на оваа дејност, како недостигот на стручна работна сила кој се провлекува со години наназад, малата продуктивност во производството, немањето финансиска поддршка од страна на државата за оваа дејност, непредвидливиот деловен амбиент, а сето тоа тешко може да се издржи во наредниот период. Текстилната индустрија во Македонија во последните години е во тешка ситуација, а тоа е резултат на повеќе услови. Прво, има недостаток на млад и стручен кадар кој би работел во оваа дејност, второ, проблем е големото иселување на населението од државава, како и покачувањето на платите кое не кореспондира со нивото на продуктивноста во оваа дејност.

„Вредностите на компанијата се супериорен квалитет на производи, задоволни потрошувачи, заштита на животната средина, промоција и здрави работни навики, социјална и општествена одговорност, како и силен и динамичен економски развој“,  истакна Главчев.

Мисијата на „Ноел“ – Гевгелија во наредниот период е производство на кошули од светска класа со  извонреден квалитет, сето ова направено во современи производствени капацитети, опремени со современи технологија, врз база на меѓународно признати социјални стандарди.

Сашо Деспотоски