ШТО ТРЕБА ДА НАПРАВИМЕ?

   

ОБРАЗОВАНИЕ / 05.12.2019
👁 Прочитано: 2778


ШТО ТРЕБА ДА НАПРАВИМЕ?
M-р Наташа Јаневска, самостоен советник

Заврши меѓународното тестирање ПИСА 2018 што се реализира од страна на Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД на секои три години, преку кое се мери и оценува практичното применливо знаење на учениците во матичната земја во три подрачја: јазична и математичка писменост и писменост во природните науки.

Се објавија и резултатите од тестирањето и нашите учениците беа на 68 место од 77 земји кои учествуваа во мерењето на знаењето. Во јазичната писменост, во споредба со просечната оцена на ОЕЦД која изнесува 487, нашите ученици имаат резултат 393, за математика, просечната оцена на ОЕСД е 489, а нашите ученици имаат резултат од 394, додека за наука просечната оцена на ОЕЦД е 489, а учениците имаат постигнувања од 413.

Мора сериозно се размисли, без да се посочува виновник, на што се должат ваквите резултати на нашите ученици кога се знае дека има наши ученици кои постигнуваат солидни резултати на меѓународни натпревари.

Или наместо да бараме виновници, треба да бараме одговор на прашањето:

Што треба да направиме?

Стопанската комора на Македонија, преку анализите што ги изработува за состојбите во образованието укажа на неколку битни чекори што треба да се преземат.

Прво, зголемување на процентот од 3,7% на 5% од бруто домашниот производ за издвојување за образованието, подобрување на условите за одвивање на наставниот процес и набавка на соодветни наставни средства, помагала, опрема и материјали, потребни за одржување квалитетна настава. Наставата со примена на нагледни средства на часот и очигледност на наставната единица која се изучува, е важен фактор за подобрување на резултатите од учење кај учениците на ниво на училиште.

Второ, соодветно вреднување на работата на наставникот, врз основа на неговиот ангажман не само во реализација на наставната програма, туку и врз основа на промоцијата што ја прави на своите ученици со учество во натпревари и промоцијата на училиштетот со промотивни активности за учениците и неговиот професионален развој.

Трето, измена на начинот на реализација на наставата, подучувањето и пристапот кон учениците и учењето. Во самиот процес на настава, наставниците, да бидат насочени кон примена на проблемски задачи и ситуации со цел кај учениците да ја  развиваат: вештината за критичко размислување и примена на стекнатите знаења во решавање на проблемските задачи; способноста да откриваат извори за нови знаења и да користат различни техники на презентирање на знаењата.

Проверката на знаењата на учениците да се базира на отворени прашања преку кои ќе се проверува начинот на кој ученикот размислува, бидејќи процесот на размислување кај ученикот е поважен и од самиот резултат. Затворените прашања, не доведуваат до критичко размислување, и често можат да се одговорат случајно. Учениците  да се наградуваат, не, за она што го знаат, туку за тоа, што можат да го направат со своето знаење. Завршните документи во кои се запишуваат квантитативните оценки треба да бидат надополнети со соодветен додаток на документот во кои ќе се напишат резултатите од учењето, односно што знае, какви  вештини поседува и за што е оспособен ученикот.

Денес, во процесот на настава и учење, наставниците се фокусирани на реализација на преобемната наставна програма, додека учениците се фокусирани на меморирање и репродуцирање на содржините од програмата и за тоа, учениците добиваат квантитативна оценка врз основа на проценката на наставникот. Учат голем број факти и податоци, но многу малку учат за нивната смисла и поврзаност, и најважно од сé, примената на истите. Тоа оди во прилог на фактот дека нашите ученици не се подготвени за решавање проблемски задачи и самостојно откривање на соодветното решение со примена на знаењата кои ги стекнале во текот на учењето.

Четврто, намалување на бројот на предмети. Наставниот план треба да биде  растеретен од непотребниот број предмети и содржини. Предметите да бидат интегрирани во подрачја како наука, општество, јазик и култура и да се надополнуваат. Наставната програма да биде конципирана според резултати од учење и постигнување на резултатите од учење. Примената на ИТ технологијата и креативните наставни методи и техники е неопходна за постигнување на резултатите од учење. Намалувањето на бројот на предмети и воспоставување пристап базиран на резултати од учење придонесува за поголема флексибилност во образованието и применливост на тоа што е релевантно за општеството.

Петто, намалување на бројката на ученици во паралелка, од 20 до 25 ученици. Тоа води кон квалитетен пристап во подучувањето на ученикот и можност на наставникот за индивидуален пристап кон ученикот што би го поттикнало критичкото размислување кај ученикот. Наставникот да биде фокусиран да го научи ученикот како да учи и како да ги применува стекнатото знаење.

Шесто, соработката со родителите во воспитно-образовен процес неизбежна. Родителите имаат право на свои мислења и идеи по однос на програмата, но треба да бидат воздржани во креирањето на оценката и дефинирањето на компетенциите на ученикот. Родителите би требало да бидат насочени кон причината доколку не се постигнати резултатите од учење и во изнаоѓање начини како да помогне на детето за постигнување на резултатите од учењето. Креирањето на оценката и дефинирањето на компетенциите на ученикот е задача на наставникот кој го следи развојот, постигнувањата и напредокот на учениците.

Седмо, неизбежна е реформата на високообразовните институции кои образуваат студенти за квафиликацијата наставник. Мора да се направи одернизација на студиските програми и да се смени пристапот за подготовка на студентите за квалификација наставник.

Одговорноста е кај сите и затоа мора заеднички да се делува во интерес на подобрување на квалитетот на  образованието.