Иако Законот за градежни производи е во примена подолг период, и во однос на градежните производи од хармонизираното подрачје се усвоени најголем дел од европските како национални (македонски) стандарди, а во однос на градежните производи од нехрамонизирано подрачје активно се работи на подготовка и веќе има донесено одредени национални (македонски) стандарди, практиката покажува дека сė уште е потребна поголема информираност и респонзивност на компаниите во имплементацијата на Законот и стандардите – беше констатирано на денешната седница на Групацијата за агрегати, бетони и асфалти при Стопанската комора на Македонија.
Во таа насока, Групацијата во соработка со членките – именуваните тела за оцена и потврда на постојаност на својства и Институтот за стандардизација на РСМ во следниот период ќе продолжи со одржувањето на едукативни настани во врска со барањата и обврските на производителите во процесот на сертифицирање на градежните производи заради обезбедување доследна примена на Законот за градежните производи. Досега, во низата активности беа одржани повеќе едукативни состаноци за компаниите кои експлоатираат варовници, кварц, песок и чакал, односно агрегати, било од каменоломи или од речните корита во сите региони од земјата, како и едукативни настани за производителите на бетон и за производителите на битуменски мешавини (асфалти).

На седницата се дискутираше и за потребата за доуредувањето на материјата од областа на асфалтите што е од особен интерес за градежните компании, со цел подигнување на квалитетот во инфраструктурата и градежништвото, како за тековните и планираните активности на Групацијата во следниот период.
м-р Нена Николовска