И БИЗНИСОТ ВО КИЧЕВО ИМА ПРОБЛЕМ СО МИГРАЦИЈА И ПОТРЕБА ОД КВАЛИФИКУВАН КАДАР
➢ Актуелно (01.11.2019)
👁 Прочитано: 1442




И БИЗНИСОТ ВО КИЧЕВО ИМА ПРОБЛЕМ СО МИГРАЦИЈА И ПОТРЕБА ОД КВАЛИФИКУВАН КАДАР

Регионалната комора со седиште во Кичево при Стопанската комора на Македонија одржа седница на која се презентираа анализите направени за образовниот систем произлезени од потребата на стручен кадар по мерка на бизнисот од страна на м-р Наташа Јаневска самостоен советник во Комората (31.10.2019).

При тоа, таа истакна дека за стопанството најголемиот проблем во овој момент е недостигот на стручен кадар кој може да ги забави работните процеси и планираните инвестициски активности, а го кочи и тековното работење на фирмите, бидејќи секојдневно работниците заминуваат од своите работни места. Недостигот на кадар се должи на нефлексибилноста на целиот образовен систем и неусогласеноста на законската регулатива која постои. Токму поради тоа, Комората инсистира дека треба да се работи подлабоко на проблемот за воведување стручно образование кое ќе произведе стручен кадар, со нов пристап каде што учениците теоретскиот дел од студиската настава ќе ја реализираат во училиште, а останатиот дел да биде практична настава која ќе ја извршуваат во компаниите каде ќе имаат можност да се запознаат со спецификите на компанијата. Исто така, од страна на присутните беше нагласена потребата од кариерно советување уште во основните училишта, бидејќи тој период е клучниот, во донесувањето одлуки при изборот на понатамошното школување и да се  продолжи  со стипендии за  дефицитарните кадри и од страна на компаните и од  институциите.

Стратешките  правци за развој на Комората ги изнесе д-р Татјана Штерјова,   Директор на дирекција на здруженија и регионални комори при Стопанската Комора на Македонија, при што истакна дека најмоќната бизнис асоцијација работи на стратешко позиционирање и трансформација на институцијата во Комора на иднината. Преку традиционалните активности што во основа претставуваат вмрежување и претставување на членките  на регионално  и мегународно ниво. Како и со новините кои ќе се воведат преку специфични активности што го прошируваат класичниот коморски ангажман и Комората ја ставаат во улога на консултант со цел  да се одговори на потребите на  фирмите, креирање на додадена вредност и делување во поширокото опкружување и поголема флексибилност.

Претседателот на Регионалната комора со седиште во Кичево, Игор Соколески и членките покрај за недостатокот на стручен квалификуван кадар и миграцијата на населението дискутира и за минималната плата и потребата од постојана сигурност во условите за работа на стопанството за долгорочно планирање и функционирање.

Дијана Лазороска Јованоска