МАКЕДОНСКИ НАЦРТ-СТАНДАРД ЗА ЧЕЛИК ЗА АРМИРАН БЕТОН ПРЕЗЕНТИРАН ПРЕД КОМПАНИИТЕ
➢ Актуелно (29.10.2019)
👁 Прочитано: 1013



МАКЕДОНСКИ НАЦРТ-СТАНДАРД ЗА ЧЕЛИК ЗА АРМИРАН БЕТОН ПРЕЗЕНТИРАН ПРЕД КОМПАНИИТЕ

Стопанската комора на Македонија, во соработка со Институтот за стандардизација на РСМ, одржа работилница на тема: „Барањата согласно националниот македонски Нацрт-стандард за челик за армиран бетон H MKC 1021:2019“, со цел запознавање на компаниите од секторите градежништво и металургија со барањата согласно Нацрт-стандардот, кој е подготвен од страна на работна група при ИСРСМ ТК 25 – Бетон, производи од бетон и ѕидарија во рамки на Институтот за стандардизација на РСМ и кој во моментот е во фаза на јавна расправа.

Излагања во врска со Нацрт-стандардот пред претставниците од бизнис секторот, Министерството за економија на РСМ, Државниот пазарен инспекторат и Царинската управа, имаа проф. д-р Тони Арангеловски, претседател на ИСРСМ ТК 25 – Бетон, производи од бетон и ѕидарија, како и д-р Соња Черепналковска, раководител на Секторот за стандардизација во рамки на Институтот за стандардизација на РСМ.   

Д-р Соња Черепналковска во своето обраќање даде осврт на Законот за градежните производи и примената на стандардите, нагласувајќи дека согласно Законот се прави разлика помеѓу градежни производи од хармонизирано и нехармонизирано подрачје. Нацрт-стандардот се однесува на челикот за армиран бетон како производ од нехармонизирано подрачје и по влегување во примена истиот ќе ги засега сите економски оператори вклучени во синџирот - од производителот, овластениот застапник, увозникот, дистрибутерот до трговецот на овој вид производ. -Акцентот согласно Законот е ставен на производителот кој изготвува изјава за својствата, за суштинските карактеристики на производот при негов пласман на пазарот, додека за да може да изготви изјава за својства, потребно е за конкретниот производ да поседува сертификат издаден од страна на именувано тело за сертификација на градежни производи, - истакна д-р Черепналковска. Исто така, таа подетално информираше како компаниите може да го разгледаат Нацрт-стандардот за челик за армиран бетон, кој е објавен и достапен на веб-страната на Институтот за стандардизација и да дадат свој придонес во неговата подготовка, преку доставување предлози, согледувања и коментари додека трае фазата на јавна расправа.

Проф. д-р Тони Арангеловски, претседател на ИСРСМ ТК 25 – Бетон, производи од бетон и ѕидарија, посочи дека Нацрт-стандардот H MKC 1021:2019 има пошироко значење и истиот покрај за производителите, од значење е и при проектирањето на бетонските конструкции и надзорот. Тој потенцираше дека Нацрт-стандардот се однесува конкретно на арматурните прачки, котури (макари), производи добиени со одмотување на котури (макари) и подетално ги презентираше барањата согласно стандардот од аспект на потребниот хемиски состав, механички карактеристики, карактеристики на јакост, маса, димензии и останати параметри на производот.

СО КВАЛИТЕТНА ТУРИСТИЧКА ПОНУДА – ДО ЗГОЛЕМЕН ДЕВИЗЕН ПРИЛИВ ОД ТУРИЗМОТ

Во дискусијата со претставниците на инспекциските органи беше нагласено значењето од доследната примена на Законот за градежните производи и стандардите во подигнувањето на квалитетот на градежните производи и спречувањето на нелојалната конкуренција на пазарот. Во таа насока, се дискутираше дека особено значајна е и навремената информираност и меѓусебната комуникација на инспекциските органи кои вршат надзор при пуштање на градежните производи на пазарот, при увозот и при вградување во градежните објекти, а Комората да продолжи да дејствува како активен чинител во процесот преку покренување иницијативи, спроведување редовни консултации со бизнис заедницата и организирање настани од едукативен и информативен карактер наменети за компаниите.

Националниот македонски Нацрт-стандард за челик за армиран бетон H MKC 1021:2019 е достапен на веб-страната на Институт за стандардизација на РСМ http://isrm.gov.mk.

м-р Нена Николовска