КАДАРОТ ПРОБЛЕМ И ЗА ФИРМИТЕ ОД РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО ШТИП
➢ Актуелно (25.10.2019)
👁 Прочитано: 2043




КАДАРОТ ПРОБЛЕМ И ЗА ФИРМИТЕ ОД РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО ШТИП

Членките на Регионалната комора со седиште во Штип при Стопанската комора на Македонија дебатираа по анализите изработени од областа на образованието, откако м-р Наташа Јаневска, самостоен советник во Комората, ги презентираше резултатите според кои 80% од активните баратели на работа се долгорочно невработени, главно поради фактот што нема усогласеност на стекнатите вештини и компетенции и побарувачката на пазарот на труд. Во таа насока се дискутираше и се истакна потребата од воведување на уписна политика во средните училишта, односно да се води сметка при отворањето на се` повеќе нови гимназиски паралелки, за сметка на стручните насоки. Исто така, од страна на присутните беше нагласена потребата од кариерно советување уште во основните училишта, бидејќи тој период е клучниот, во донесувањето одлуки при изборот на понатамошното школување.

На седницата се разговарапе и за стратешките правци за натамошното делување и работење на Комората. М-р Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Комората за економски прашања, посочи дека најмоќната бизнис асоцијација работи на стратешко позиционирање и трансформација на институцијата во Комора на иднината. Преку традиционалните активности што во основа претставуваат вмрежување и претставување на членките и преку специфични активности што го прошируваат класичниот коморски ангажман и Комората ја ставаат во улога на консултант. - Колку се поуспешни компаниите - членки, толку ќе биде позначајна позицијата на Комората во застапувањето и претставувањето на интересите на членките, посебно во креирањето на мерките на економската политика , – истакна Јовановски.

Во дискусијата се вклучија и стопанствениците кои што и овој пат го искажаа својот најголем проблем, односно недостатокот на работна сила и истакнаа дека очекуваат Комората да биде мостот помеѓу државните институции, односно училиштата и бизнис секторот, како овој проблем заеднички би го надминале, во насока на обезбедување стручен кадар по мерка на бизнисот.

На седницата на Регионалната комора со седиште во Штип на дебатата за образовниот реформски процес присуствуваше и градоначалникот на Општината, Благој Бочварски.

Моника Стоичева