ЗАСИЛЕНА ПОДДРШКА ЗА МЕТАЛУРГИЈАТА - ЕДЕН ОД СТОЛБОВИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА
➢ Актуелно (21.10.2019)
👁 Прочитано: 722



ЗАСИЛЕНА ПОДДРШКА ЗА МЕТАЛУРГИЈАТА - ЕДЕН ОД СТОЛБОВИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

Металургијата, како една од носечките гранки на македонската економија треба да биде континуирано поддржувана, беше еден од заклучоците од седницата на Здружението на металургијата, која беше одржана во Стопанската комора на Македонија на 21.10.2019 година. Директното учество на производството на основни метали во националниот БДП е повеќе од 5,7% додека индиректно, металургијата учествува со повеќе од 33% во националниот БДП. Имајќи ги предвид овие параметри, беше заклучено дека е неопходно брзо дејствување на надлежните државни органи, во однос на сите прашања кои може да имаат влијание на конкурентноста и продуктивноста на компаниите.

На средбата се дискутираше и за ефектите од воведените заштитни мерки за увоз на одредени челични производи во ЕУ, кои се применуваат од февруари 2019 годна, со времетраење од три години.  Посочено беше дека воведените ограничувања на увозот во ЕУ, во отсуство на други алтернативни решенија создаваат сериозни проблеми пред договарањето на комерцијалните зделки на подолг рок и ги доведуваат во прашање започнатите и предвидените инвестициони вложувања, особено имајќи предвид дека со воведените мерки, квотите се определени врз основа на просечниот увоз во ЕУ од сите земји за претходните 3 години (2015/2016/2017), кои опфаќаат временски период во кој челичната индустрија се соочуваше со повеќе предизвици на глобалните пазари поради што поставените квоти имаат ограничувачки ефект на потенцијалите за зголемување на извозот на засегнатите компании.

- Македонската челична индустрија  најголем дел од извозот го реализира на европскиот пазар, како главно комерцијално одредиште на оваа индустриска гранка која историски и географски припаѓа на пазарот на Европската унија, и на пазарот веќе се чувствуваат последиците не само кај директно засегнатите компании, туку и на сите поврзани компании во ланецот на снабдувањето, со што негативните последици повеќекратно се мултиплицираат, посочи Митко Кочовски, претседател на Здружението на металургијата.

На седницата, Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Комората за економски прашања говореше за стратешките правци за натамошното делување и работење на Комората, во насока на нејзино стратешко позиционирање и трансформација во комора на иднината, преку традиционалните активности што во основа претставуваат вмрежување и претставување на членките и преку специфични активности што го прошируваат класичниот коморски ангажман и Комората ја ставаат во улога на консултант, во согласност со современите потреби и барања на бизнис заедницата, кои треба да создадат додадена вредност за компаниите од членството во Комората.

Наташа Јаневска, самостоен советник во Комората, ги презентираше наодите произлезени од анализи изработени од Комората во областа на образованието и работната сила. Посочено беше дека 80% од активните баратели на работа се долгорочно невработени, главно поради фактот што нема усогласеност на вештините и компетенциите, што резултира со нефлексибилен образовен систем кој не одговара на барањата на бизнис заедницата. Од аспект на компаниите, учеството на бизнис секторот во модернизирањето на образовните програми е од особено значење поради нивната стручност и потребно е да се зголеми во проценти бројот на стручни предмети за сметка на општообразовните. Од големо значење е и уписната политика која не ги следи потребите на стопанството и не е усогласена со потребите по секторите, недостига соработка помеѓу училишните центри и локалните работодавачи, а спорен е и феноменот на товарање гимназиски паралелки во стручните училишта и образување кадри со општообразовни знаења.

На средбата беше дискутирано и за важноста на практичната обука на работно место која мора да биде составен дел на стручното образование, и компаниите беа запознаени со активностите кои Комората ги презема на ова поле.

Д-р Татјана Штерјова